ЦИВИЛ ги прашува мразачите: Дали учевте од ИСИС или ИСИС учеше од вас?!

Невладината ЦИВИЛ јавно бара од политичките партии да ги запрат своите пропагандни ешалони и на своите поддржувачи и членови да им порачаат да престанат со ширење на омраза и со јавни закани со убиство на активисти.

– Повеќе од очигледна е координацијата на ваквите напади на социјалните мрежи и во дел од интернет медиумите. Тој напад започна за време на авторитарниот режим на Груевски, но трае со години и по неговиот пад. Крајно време е оваа омраза да престане, а одговорните за креирање и за поттикнување на омразата и насилството да се соочат со институциите на правдата, се наведува во соопштението на ЦИВИЛ

По смртните закани со сечење глави, ЦИВИЛ смета дека е легитимно прашањето до членовите и поддржувачите на одредени, добро познати политички структури и до нивните раководства.  

– Дали учевте од ИСИС или ИСИС учеше од вас?! – Нема оправдување за омразата што ја креирате и ја поттикнувате веќе со децении. Време е да одговарате за сите ваши злодела, криминал, сеење на омраза и повикување на политичко насилство, прашува и заклучува ЦИВИЛ.

ЦИВИЛ апелира до Јавното обвинителство и до МВР да поведат соодветни постапки за откривање на мрежите со кои се шири црна пропаганда преку лажни вести и екстремен говор на омразата 

– Денеска тоа е еден активист на ЦИВИЛ, но утре тоа може да биде цела заедница или и цела држава. Демократијата не подразбира хаос и самоволие, секој да се заканува секому, туку пред сè значи владеење на правото и почитување на човековите права и слободи. Крајно време е да се стави крај на дивеењето што го спроведуваат одредени центри на моќта во нашата земја. Креаторите се познати, мотивите се познати, последиците се видливи веќе со години. Време е да се преземат законски мерки, посочува ЦИВИЛ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот