ЦИВИЛ: Дваесет години гласни и горди

Џабир Дерала / Фото: СП. архива

Да се одбрани јавниот интерес пред сопствениот, да се застане на страната на немоќните и онеправданите по цена на загрозување на сопствената благосостојба, безбедност и живот… Да се држи главата исправено и тогаш кога сите паднале на колена, со наведнати глави… Да ѝ се погледне на вистината в очи и тогаш кога таа боли… Тоа е изборот што го правиме секој ден, секој час, веќе 20 години. Тоа е ЦИВИЛ.

Заканите за нас се повик на борба, а не причина да се повлечеме. На заканите, нападите и насилствата секогаш одговараме со гласност и со повик на борба, бидејќи ЦИВИЛ никогаш не се повлекува. Отворени, искрени, бескомпромисни, гласни и горди – тоа е ЦИВИЛ. Секогаш подготвени за пат, за разговор, за поддршка, за акција, за борба – тоа се луѓето на ЦИВИЛ. Ниедна пропагандна машинерија не може да ги поколеба овие скромни, но борбени и цврсти луѓе.

Дури и нашите блиски ни велат дека сме своеглави и инаетливи, дека не го слушаме гласот на разумот, дека сила бога не моли, дека треба да го заштитиме и сопствениот интерес некогаш, дека покорноста е добра и разумна тактика.

Нема ништо разумно во покорноста! Нема ништо разумно во бескрајот на себичноста! Нема ништо разумно во молкот! Бидејќи тие што бараат покорност, тие што мислат дека луѓето и достоинството се купуваат со пари, тие што сакаат да нѐ замолчат, нема никогаш да се откажат. Тие сакаат вечно да владеат со умовите и животот на луѓето. Затоа, нема ништо разумно во покорноста! Достоинството и слободата немаат цена.

Десетици илјади луѓе беа и се дел од работата на ЦИВИЛ низ целата земја. Заедно ги набљудуваме изборните процеси, спроведуваме мониторинг на состојбите на човековите права и слободи, обелоденуваме неправди, ги разобличуваме лажните вести, дезинформациите и пропагандата, учествуваме во борбата против корупцијата, се бориме против говорот на омразата и национализмот…

Привилегија и чест е да се биде дел од ЦИВИЛ. Им благодариме на граѓанките и граѓаните на Република Македонија, на сите членови и поддржувачи, им благодариме на донаторите кои ја искажаа својата доверба во нашата организација и ги помогнаа проектите кои ги водиме. Им благодариме и на оние што го напаѓаат и клеветат ЦИВИЛ, бидејќи и тие се дел од нашата сила.

Од првиот ден, ЦИВИЛ е отворена платформа за размена, па и судир на идеи и ставови, простор каде што граѓанките и граѓаните можат да споделат сведоштва и да научат нови вештини. Во тешките години за време на авторитарниот режим и во периодот на обнова и враќање на демократијата и слободата, на ЦИВИЛ најмногу му значат довербата и поддршката од граѓанките и граѓаните. Бидејќи, тие се ЦИВИЛ! Токму поддршката, секојдневната комуникација со стотици граѓанки и граѓани од сите краишта на земјата, му помага на ЦИВИЛ да ја изврши својата функција – да биде чувар на човековите права и слободи, на стремежот за правда, слобода и еднаквост, на силната потреба да се биде гласен и слободен.

Заедно, гласно, бескомпромисно, решително!

Нека ни е честит јубилејот!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот