Цивил: Членовите на Избирачкиот одбор во Бутел се зафатени со јадење и пиење, проверката со УВ ламбата им е последна од грижите (ВИДЕО)

Џабир Дерала. / Фото: Слободен печат

Членовите на Избирачкиот одбор (ИО) во ИМ 2932 во Бутел се зафатени со јадење и пиење, така што проверката со УВ ламбата им е последна од грижите. Проверуваат секој втор или трет гласач со УВ ламбата – е првата информација што ЦИВИЛ ја сподели со јавноста на втората прес конференција за изборниот мониторинг во 10 часот.

Во ИМ 2582/1 во Ѓорче Петров нема средства за дезинфекција.

На повеќе ИМ на граѓани коишто имаат нова лична карта (издадена во претходните 2 недели) не им се дозволува да гласаат бидејќи ги нема во избирачките списоци. На граѓаните не им се даваат инструкции како понатаму да постапат. Овој случај се регистрира на избирачките места: 2930 во Бутел и ИМ 2611, 2593/1 и 2628 во Карпош.

На ИМ 9741 се бележи прекршување на протоколите за асистенција при гласање. На граѓанка со попреченост на видот ѝ било оневозможено да гласа со асистенција.

Во Гази Баба, во ИМ 2498 партиски надбљудувач седи до Претседателот на ИО. Кога надбљудувачката на Цивил побарала информација кои се присутните и во кое својство, партискиот надбљудувач и претседателот на ИО дрско ѝ одговориле со зборовите „Па баш на ЦИВИЛ ништо не им кажувам”.

„На ЦИВИЛ не морате ништо да му кажете. ЦИВИЛ сѐ знае” – на шега коментираше претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала кој ги водеше првите две прес конференции од почетокот на изборниот ден.

Понатаму, мониторингот на ЦИВИЛ, соопшти и дека на избирачки места 2500 и 2506 во Гази Баба на глас се читаат имињата на гласачите.

На ИМ 2695 не работат УВ ламбите, но гласањето не е прекинато.

Во ИМ 2704 во Аеродром, партиски надбљудувач го повредува правото на тајност на гласањето, бидејќи седи веднаш зад параванот и гледа за која опција гласаат граѓаните.

На ИМ 2809, на една граѓанка ѝ дале гласачко ливче, ја испрскале со спреј и, пред да гласа, Избирачкиот одбор утврдува дека ја нема на Избирачкиот список. Гласачкото ливче ѝ го одземале и не и дозволиле да гласа. Избирачкиот одбор ја упати да се јави до Општинската изборна комисија и дека „таа е виновна што ја нема на списокот”.

Членови на партија нудат и вршат превоз на болни и изнемоштени на ИМ 1351 и 1354 во Прилеп.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот