„Централата” на НАТО денеска во Скопје

фото: Драган Митрески

Генералниот секретар  на НАТО Јенс Столтенберг и Северноатлантскиот совет (НАК) во кој се амбасадорите на сите земји членки на Алијансата, денеска со највисоки државни и воени почести ќе бидат пречекани на платото пред Владата на Република Северна Македонија со што ќе почне официјалниот дел од посетата на „централата” на НАТО на земјава.

По церемонијата на официјалниот пречек ќе следува билатерална средба на делегациите предводени од премиерот Зоран Заев и генералниот секретар на НАТО Столтенберг, со амбасадорите на Северноатлантскиот совет и министрите во Владата.

Со работниот дел на Северноатлантскиот совет со Комитетот за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО и претставници на Влада, што ќе се ќе се одржи потоа, ќе претседаваат премиерот Заев и генералниот секретар Столтенберг, по што ќе следува и нивната заедничка прес-конференција.

Во текот на денот, Столтенберг и амбасадорите на Северноатлантскиот совет ќе бидат примени и од претседателот Стево Пендаровски.

Столтенеберг и високите претставници на НАТО доаѓаат во прва посета на Скопје по потпишувањето на протоколот за членство на земјата во Алијансата.

Од февруари кога е потпишан Пристапниот протокол за членство на земјава во НАТО, досега го имаат ратификувано 14 земји – членки. Очекувањата се во јуни да влезе во процедура и во САД и да заврши оваа есен. Ратификацискиот процес, заеднички оценуваат надлежните, може да заврши и пред Самитот на Алијансата закажан во декември во Лондон.

Во интервју за МИА, непосредно пред посетата на нашата држава, генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, порача дека Алијансата е подготвена да ѝ посака добредојде на земјава во евроатлантското семејство.

И неговата оценка е дека ратификацијата на претпристапниот протокол добро напредува. Кога сите сојузници ќе го ратификуваат пристапниот протокол, Северна Македонија ќе стане триесетта членка на Алијансата.

– За време на посетата на Северноатлантскиот совет, очекувам да разговараме за интеграцијата на Северна Македонија во Алијансата и вашиот напредок во главните реформи, вклучително и владеењето на правото, безбедноста, разузнавачкиот и одбранбениот сектор. Важно е да се продолжи чекорот во реформите додека се подготвувате за полноправно членство, а ние ќе продолжиме да ве поддржуваме на овој пат, вели Столтенберг во интервјуто за МИА.

Членството во НАТО, истакна, ќе донесе поголема безбедност и просперитет за сите луѓе во Северна Македонија.

– Ќе земете учество во развојот на политиките на НАТО. Вашиот глас ќе биде исто важен колку секој друг сојузник во носењето на одлуките кои треба да ги сочуваат безбедноста и просперитетот на нашите земји. Безбедноста е основа на просперитетот. Всушност веќе видовме дека странските инвестиции се зголемени за три пати во изминатата година. Вашето членство во НАТО ќе придонесе за безбедноста на Западниот Балкан и на целиот евроатлантски регион. Тоа докажува дека напорната работа, реформите и посветеноста се исплатливи и дека вратите на НАТО остануваат отворени, порача генералниот секретар на НАТО.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот