Центар ќе се гради со згради!

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Законот за просторно планирање предвидува формирање тело во кое ќе се вклучат сите заинтересирани. Доколку се заинтересирани само граѓаните, нека не биде изненадување ако нема паркови и слични јавни содржини. Анкетите покажуваат дека се бара само кат повисока и метар поширока градба.

Уставниот суд го укина мораториумот за градба во Општина Центар и со тоа деталните урбанистички планови, кои во изминатите три години останаа неревидирани, повторно стапија на сила. Односно, за нив може да се издаваат градежни дозволи. Градежниците тријат раце од задоволство, а сопствениците на парцелите се во очекување кога на местото на нивната стара куќа ќе се крене зграда и ќе добијат по три-четири стана.

Советот на Центар прогласи мораториум на 31 Детален урбанистички план уште на почетокот на мандатот на новото општинско раководство. Градоначалникот Саша Богдановиќ беше прв кој јавно проговори дека ДУП, донесени во времето кога на чело на општината беше Владимир Тодоровиќ имаат, народски кажано, многу фалинки. Некои планови не биле изработени според законските процедури, кај некои урбанистичко-планската документација не била во согласност со ДУП, но најважната забелешка беше дека со нив се водело грижа за желбите на одделни моќници, а не за потребите на жителите. Што значи – многу бизнис, а малку зеленило, паркинзи и друга неопходна инфраструктура за нормално живеење.

Богдановиќ беше прв (и единствен) кој се обиде да направи нешто за да го спречи градежниот замав што ѝ се закануваше на општината, доколку се реализираат овие планови. Па ги сопре и се зафати со нивна доработка. Но, прашање на време беше кога некој ќе ја оспори одлуката пред Уставен суд. И тоа се случи, а укинувањето на мораториумот беше очекуван резултат.

Старите ДУП, без оглед на реакциите на јавноста, без оглед дали ни се допаѓале, сепак се планови донесени од надлежен орган, односно од Советот на Општина Центар во еден претходен состав, а за нив позитивно се изјасниле тогашните советници, Град Скопје и Министерството за транспорт и врски. Значи, станува збор за легални документи по кои може да се постапува.

Во изминативе повеќе од три години, пред да се укине одлуката за запирање на изградбата по старите планови, Центар успеа да преработи само осум од „замрзнатите“. Дури 23 сега се повторно на сила, иако дел од нив се во фаза на подготовка. Но, додека новите, ревидираните, не се донесат, градежните компании ќе бараат градежни дозволи. И во Центар – ќе се гради.

Еден од тие планови, за кој пред две години се крена најмногу врева во јавноста беше ДУП за паркингот кај хотелот „Холидеј ин“, заедно со трошните куќи во старото Ново Маало. Според планот, што повторно е на сила, таму треба да се градат неколку 60-катници, со што и овој единствен отворен простор во Центар комплетно би се бетонизирал и би се создал хаос од секаков аспект – урбанистички, сообраќаен, комунален… Ревизијата на ДУП за Ново Маало  е стигната некаде до средината, што значи дека нема наскоро да стапи на сила. А дотогаш…

Со новиот Закон за просторно планирање во иднина би требало да се избегне маката што сега ја имаат општините со некои претходно донесени планови.  Пред сѐ, затоа што тој предвидува задолжително формирање партиципативно тело во кое ќе се вклучат сите заинтересирани страни од локалната заедница, кое има право да влијае на планските решенија.

Но, доколку тие заинтересирани страни се граѓаните што живеат во опфатот на планот, нека не биде изненадување ако (с)нема паркови и слични јавни содржини. Анкетите покажуваат дека се бара само кат повисока и метар поширока градба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот