Ценовникот на приватните болници ќе се изедначува со државниот

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Цените во приватните болници да бидат изедначени со референтните цени, утврдени од Фондот за дијагностицирање и лекување на ковид-пациенти, е суштината на законските измени што ќе бидат доставени до Собранието на усвојување, по реакциите на граѓаните дека прескапо ги плаќаат ковид-услугите во приватниот здравствен сектор.

Според она што е одлучено на Главниот координативен кризен штаб, предводен од премиерот Зоран Заев, Владата со закон ќе ги лимитира максималните износи што пациентот сместен во приватна болница ќе ги плаќа за хоспитализација.  На работен состанок, на кој бил и вицепремиерот Љупчо Николовски, се дискутирало за цените да варираат според тоа колку време трае лекувањето, дали е во универзитетска клиника или во клиничка општа болница и дали пациентот е на механичка вентилација или не.

За болничко лекување на болен од ковид на механичка вентилација, максимумот што се плаќа во државното здравство за хоспитализација подолга од 15 дена е 305.500 денари. Меѓутоа, во приватното здравство, неколку илјади евра капар не го крпат пациентот пред да биде воопшто сместен во болницата, а услугите што се нудат, како на пример, механичка вентилација и слично, чинат многу.

„Регулирањето на цените е неопходно за да не се доведеме во ситуација приватните здравствени установи да останат недостапни за огромно мнозинство на граѓани во нашата земја. Ги повикувам сите пратеници во Собранието да дадат поддршка на оваа регулација на цените за здравствени услуги на ковид-пациенти во приватните болници. Во време на пандемија од клучна важност е пратениците да го изгласаат оваа законско решение со кое цените за третман на пациенти во приватните болници ќе бидат финансиски издржливи за сите граѓани“, напиша министеррот Венко Филипче на Фејсбук.

На бројните реакции на граѓаните. Министерството за здравство досега одговораше дека нема законска можност да се ограничат цените во приватните болници и се прогласуваше за ненадлежно. Меѓутоа, притисокот врз ковид-центрите во последниов бран на пандемијата повторно ја отвори темата што ќе биде на дневен ред на Собранието. Парламентарната партија „Левица“ укажува дека членот 55 од Уставот ѝ овозможува на државата, ако сака, да се замеша во политиката на цените во приватните здравствени установи.

Владиниот предлог предвидува овие цени да важат за приватните болници, меѓутоа, од оттаму велат дека кај нив се користат апарати и методи кои се скапи, лекарства и опрема што чинат многу пари и се на ставот дека Владата нема право да им се меша во ценовната политика.

„На почетокот на пандемијата, на Министерството за здравство му понудивме плаќањето на услугите за пандемијата да биде на товар на Фондот за здравство, но бевме одбиени, исто како и предлого државното осигурување да ги покрива тестовите ПЦР-во приватните болници“, велат претставници на приватното здравство.

Дали приватните болници ќе ги прифатат референтни цени на Фондот за здравство или ќе се одлучат да не бидат ковид-центри, ќе покаже практиката доколку предложените измени во Законот за здравство бидат усвоени.

Референтните цени на Фондот за здравство

Референтните цени на Фондот за здравство варираат според тоа колку време трае лекувањето, дали е во универзитетска клиника или во клиничка општа болница и дали пациентот е на механичка вентилација или не.

Болничко лекување во универзитетска клиника чини 41.125 денари за пет дена хоспитализација, 82.250 денари чини лекување во траење од шест до 10 дена, 141 илјади денари – лекување од 11 до 15 дена и 211.500 денари – лекување подолго од 15 дена. Болничкото лекување на механичка вентилација подолго од 15 дена чини максимални 305.500 денари, од 11 до 15 дена поминати на механичка вентилација е 198.575 денари, а од 6 до 10 дена – 122.200 денари. Болничко лекување на механичка вентилација до пет дена е 76.375 денари. Во јавното здравство, се разбира, на овие цени се плаќа само партиципација.

Болничкото лекување во клиничките општи и специјализирани болници е поевтино и до пет дена е 30.844 денари, од 6 до 10 дена изнесува 61.688 денари. Од 11 до 15 дена чини 105.750 денари, а за пациентите кои мораат да поминат повеќе од 15 дена во болнички услови, цената е 158.625 денари.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот