Цените на тутунот нѐ вратија 10 години назад, правилникот – 30 години!

Ниска просечна цена на откупениот тутун, неотворени пунктови, но и поголемо производство од договорената количина ги мачи оваа година производителите на тутун.

Откупот на тутун може да почне од 15 ноември, а најдоцна до 15 декември. Незадоволните земјоделци од стартот на годината, најавуваат протести, блокади на патишта, а Министерството за земјоделство бара начин како да дојде до заедничко решение меѓу производителите на тутун и откупувачите, за што вчера ги седна на иста маса.

Но, актуелна е и темата што со години се провлекува во јавноста, а тоа е кој ги претставува тутунарите за што вообичаено има незадоволство меѓу самите тутунари, така што една група, секогаш е незадоволна од тоа кој ги претставува на средбите во Министерството за земјоделство. Со цел, јавно презентирање на актуелните проблеми со тутунот, производителите создадоа фејсбук-група Македонски тутунари, која за три дена постоење успеа да собере 4.000 членови. Еден од иницијаторите на оваа група, Игор Мирчевски од Прилеп, вели дека членството би било и многу поголемо ако се земе предвид дека земјоделците немаат време да седат на Фејсбук и дека многумина од нив немаат паметни телефони.

– Ја формиравме оваа група за да јавно ги кажеме нашите маки. Почетокот на откупот на тутун е со негова ниска категоризација, од трета и четврта класа, што не е соодветно на квалитетот и засега се постигнува просечна цена од 120 до 130 денари за еден килограм. Минатата година, просечната цена беше 222 денари за килограм. Со сегашната цена, се враќаме на цена од 2001 година, наместо да одиме напред, одиме назад. Во изминативе 10 години, секоја година цената на тутунот се зголемуваше по некој денар, годинава прв пат се намалува – вели Мирчевски.

Тој објаснува и дека со новата регулатива што за првпат почнува да се применува од годинава дозволен е и увоз на тутун за потребите на производителите на цигари.

– И ова оди на наша штета – дециден е Мирчевски.

Мирчевски објаснува дека количините на тутун во договорите се утврдуваат врз основа на површините што ќе бидат под оваа култура, но по правилник стар 30 години, несоодветен за новите мерки што се преземаат во земјоделството.

– Според тој правилник, од еден декар се добиваат од 170 до 200 килограми тутун. Но сега се произведува поинаку од пред 30 години, се користи современа механизација, земјоделците применуваат системи капка по капка, има современи заштитни средства, и се добиваат и по 300 и 350 килограми тутун од декар. Досега независно од договорите се откупуваше и вишокот производство, но со ниска категоризација се уценуваа тутунарите – вели Мирчевски.

Заменик-министерот Трајан Димковски исто така  оцени дека откупот на тутунот почна катастрофално, нагласувајќи дека цените се многу ниски, а и сите пунктови не се отворени. Според него, сегашната просечна цена е меѓу 140 и 170 денари.

– Ова е неочекувано, зошто се тргна со олку ниска цена, иако откупувачите најавуваа залихи и дека реколтата е со полош квалитет – рече Димковски.

Годинешнава реколта се проценува на околу 23.000 тони тутун. Со оваа дејност се занимаваат околу 30.000 семејства.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот