Цените на храната растат, граѓаните прават залихи: Ако нема друг начин, државата може да интервенира и од стоковните резерви

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Државата нема голем простор за маневрирање во однос на цените во пазарна економија, потенцираат експертите. На располагање и се три механизми – контрола преку пазарните инспектори, активирање на стоковните резерви или да се дозволи бесцарински увоз за да се сочува стабилноста на пазарот и да се заштитат потрошувачите. Бидејќи не е вонредна состојба, не може со декрет да се ограничи висината на цената и на маржите на основните животни намирници. Во Македонија годишно се трошат околу 25.000 тони зејтин, а само 10 проценти од потребите, се обезбедуваат од домашно производство.

-Во ваква ситуација, државата не може да седи со скрстени раце и пожелно е да се активираат стоковните резерви. Тоа од една страна ќе ја избалансира побарувачката и ќе ги смири цените, а од друга страна, ќе се направи своевидна проверка и обновување на залихите со кои располагаме. Инфлаторната спирала почнува да се одмотува и мора навреме да се реагира со механизмите кои се на располагање  – вели за „Слободен печат“, Мендерес Кучи, претседател на Собранието на Стопанската комора на Северозападна Македонија. 

Кучи е дециден дека во пазарна економија, државните институции, немаат директно влијание врз цените.

-Во моментот цените на светските берзи се зголемуваат, а тоа се прелева и кај нас и влијае врз понудата и побарувачката. Граѓаните од средната класа може да си дозволат да прават залихи и тоа го пореметува пазарот, а најоштетени се оние со ниски примања и кои се принудени на „рабуш“ да купуваат по малите дуќани, а со тоа да плаќаат и најскапо. Потребна е итна реакција, бидејќи, поголемите економски последици, ќе паднат на товар на малите производители и трговци, како и обичниот граѓанин – додава Кучи.

Цените на светските берзи растат веќе десетти месец по ред, што се рефлектира врз крајната цена во трговијата. Листата на најголеми поскапувања во моментот ја држат маслото за јадење и шеќерот, но тука е и сточната храна. Маслото од крајот на 2020 година поскапе веќе два пати и се приближува до највисоката, психолошка граница од 120 денари во 2008 година. 

Во моментот на македонскиот пазар нема опасност од недостиг на масло за јадење, иако се забележува благо зголемување на потрошувачката на овој артикл, бидејќи граѓаните деновиве купуваат по неколку шишиња.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот