Цените на храната постојано се зголемуваат: Пожелно е државата да интервенира преку стоковните резерви

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Државата нема голем простор за маневрирање во однос на цените во пазарна економија, потенцираат експертите. На располагање и се три механизми – контрола преку пазарните инспектори, активирање на стоковните резерви или да се дозволи бесцарински увоз за да се сочува стабилноста на пазарот и да се заштитат потрошувачите. Бидејќи не е вонредна состојба, не може со декрет да се ограничи висината на цената и на маржите на основните животни намирници. На пример, во Македонија годишно се трошат околу 25.000 тони зејтин, а само 10 проценти од потребите, се обезбедуваат од домашно производство. Маслото за јадење, пак, е производот за чие поскапување најмногусе зборува во последно време.

-Во ваква ситуација, државата не може да седи со скрстени раце и пожелно е да се активираат стоковните резерви. Тоа од една страна ќе ја избалансира побарувачката и ќе ги смири цените, а од друга страна, ќе се направи своевидна проверка и обновување на залихите со кои располагаме. Инфлаторната спирала почнува да се одмотува и мора навреме да се реагира со механизмите кои се на располагање  – вели за „Слободен печат“, Мендерес Кучи, претседател на Собранието на Стопанската комора на Северозападна Македонија. 

Кучи е дециден дека во пазарна економија, државните институции, немаат директно влијание врз цените во пазарна економија.

-Во моментот цените на светските берзи се зголемуваат, а тоа се прелева и кај нас и влијае врз понудата и побарувачката. Граѓаните од средната класа може да си дозволат да прават залихи и тоа го пореметува пазарот, а најоштетени се оние со ниски примања и кои се принудени на „рабуш“ да купуваат по малите дуќани, а со тоа да плаќаат и најскапо. Потребна е итна реакција, бидејќи, поголемите економски последици, ќе паднат на товар на малите производители и трговци, како и обичниот граѓанин – додава Кучи.

Цените на светските берзи растат веќе десетти месец по ред, што се рефлектира врз крајната цена во трговијата. Листата на најголеми поскапувања во моментот ја држат маслото за јадење и шеќерот, но тука е и сточната храна. Маслото од крајот на 2020 година поскапе веќе два пати и се приближува до највисоката, психолошка граница од 120 денари во 2008 година. Бугарија, Романија, Молдавија и Украина, лани, имаа лоша берба на сончогледот, што неминовно влијаеше врз неговата цена. И маслото од соја има највисока цена во споредба со претходните 8 години, а сојата го достигна рекордот од 2013-та. Дополнителниот притисок доаѓа и од инвестициските фондови, кои во текот на здравствената криза, беа исклучително активни на пазарот на храна и агресивно купуваа огромни количества на растителни масла. Во 2019 година, во земјава биле засеани 6.539 хектари со сончоглед, а во 2020 година површините под оваа култура изнесува 6.073 хектари. Лани од еден хектар, приносот бил 1.332 килограми сончоглед.

Во моментот на македонскиот пазар нема опасност од недостиг на масло за јадење, иако се забележува благо зголемување на потрошувачката на овој артикл, бидејќи граѓаните деновиве купуваат по неколку шишиња.

-Колку може да заштедам, ама сепак зедов три шишиња масло. Ова сепак наликува на состојбата пред неколку години, кога маслото стигна до 120 денари за литар. Мислам дека енормното зголемување на некои производи е вештачко, како да се злоупотребува пандемијата? Крајно време е државата да интервенира и да го спречи растот на цените – вели една наша сограѓанка.

– Производителите на масло за јадење не се задолжени за социјалната политика и работат за профит, само кога тоа ќе им го дозволи меѓународниот пазар. Ако ја намалат цената, тогаш некој друг ќе го купи нивниот производ и ќе го извезе на други пазари – објаснуваат светските експерти.

Битиќи: Ако се утврди неправилно зголемување на цените, ќе се преземат мерки

Единствениот механизам на државата за контрола на цените на производите во моментот е испекцијата која може да утврди дали има неправилности и нивно вештачко зголемување, вели вицепремиерот Фатмир Битиќи, најавувајќи дека наскоро ќе се излезе со податоци од контролите и таму каде ќе бидат констатирани неправилности ќе бидат преземени мерки.

– Минатата година поради прогласената вонредна состојба, Владата со уредба можеше да донесе одлука со која што директно интервенираше да нема пораст на одредени производи. Сега единствениот механизам ни е преку пазарната инспекција да утврдиме дали има неправилности и дали има навистина зголемување на цените на вештачки начин. И веќе ние ги следиме секојдневно, не само од јавувањето на граѓаните. Веќе има таква интервенција на неколку субјекти. Наскоро ќе излеземе со податок што точно ќе направиме и секако сите тие што се обиделе да профитираат или во овој момент кога на сите нас ни е тешко да изнесат максимална добивка од состојбата се што е законски ќе се преземе – рече Битиќи на ТВ Сител.

Во врска со покачувањето на цената на маслото за јадење, Битиќи вели дека во некоја мера е оправдано поради светско движење на цените.

– За жал, заради некои движења на светската берза, секако треба да се направи некое поместување на цените. Утврдуваме дали пазарната цена на маслото во овој момент е 100 отсто оправдана, наспроти растот на берзите. Се прават последните калкулации и наскоро ќе имаме конечен став и околу ова. Не е во ред и не би требало кога на сите ни е тешко уште да се бориме и против тие коишто, несовесно ќе се однесуваат, а не според правилата на пазарот – рече Битиќи.

Нема вонредна состојба, нема замрзнати цени

Со завршувањето на вонредната состојба, лани, на крајот на јуни, престана да важи и Одлуката за замрзнати цени на основните прехранбени производи. Трговците добија одврзани раце да ги зголемат цените во малопродажбата, но граѓаните имаа големи резерви, а го немаше и психолошкиот притисок, дека ќе снема одреден производ. Престана да важи и обврската за формирањето на цените за јужното овошје. Со одлуката наменета за вонредната состојба, маржата, односно разликата меѓу набавната и продажната цена, во трговијата на големо можеше да биде најмногу 10 проценти, а во трговијата на мало 15 проценти.

Државниот пазарен инспекторат за време на вонредната состојба, лани, изврши преку 2.000 контроли на маркетите и изрече околу 100 прекршоци, а казните се движат од 500 до 10.500 евра.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот