Цената за фрланото ѓубре ќе ја одредува Регулаторната комисија

Градежен отпад, Фото: Архива

Подготовката на нов закон за управување со отпад е во завршна фаза, но за да профункционира со сите подзаконски акти потребни се од 6 месеци до една година, проценува Марко Бислимовски, првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Бислимовски, на работилницата за новинари за циркуларна економија ги презентираше целите на новото законско решение.

– Регулаторна комисија веќе има искуство во одредување на цени. Ние ги утврдуваме цените на електричната енергија, на нафтените деривати, а од 2016 година ја утврдуваме и цената на водата. Потребата за регулирана цена на отпадот е истата која беше и за водата – да се формира цена која реално ќе ги покрие неопходните трошоци за нормално функционирање, но и да се обезбедат инвестиции за одржлив развој на оваа дејност. Сега цените се формираат по предлог на комуналните претпријатија, а ги одобрува советот на општините, односно Советот на Град Скопје. Во изминатиов период видовме дека на овој начин не функционираше трошковната страна, па овие јавни претпријатија имаше неоправдани вработувања, а од друга страна не се покриваа развојните инвестиции – рече Бислимовски.

Тој објасни дека со новото законско решение се регулира и пoстoењето на регионални депонии.

– Ние сега немаме една нормална депонија. Нешто најблиску до тоа е депонијата Дрисла. Во Марибор има депонија во близина на градот. Во Виена има депонија во градот и веднаш до неа когенеративна постројка ( централа која произведува струја и топлина н.н). Јас мислам дека кај нас треба да има современа депонија во Скопје со когенертивна постројка до неа – вели Бiслимовски.

Тој потсети дека Италијанската компанија „ФЦЛ Амбиенте“, која во 2011 година ја доби концесијата за да управува со депонијата, вети дека од Дрисла ќе направи модерна депонија, ќе постави нова постројка за согорување на медицински отпад, автоматизирана пералница за камионите, нова механизација за работа и голема административна зграда. А, откако ќе заврши со овие инвестиции на Дрисла, од отпадот ќе  се произведува и електрична енергија. Но, од сите овие најавени инвестиции ништо не се случи.

Ќе поскапува водата

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги Марко Бислимовски најави дека ќе има промени во начинот на одредување на цената на водата.

– Сега ние формираме минимална и максимална цена и ги доставуваме до јавните претпријатија кои врз основа на тие податоци формираат цена и ја даваат до советот на општината на одобрување. Советите на општините обично се „лепат“ на минималната цена, ама тоа е цена без вклучени инвестиции, само за живуркање. Затоа, ние сакаме да ја фиксираме цената и во неа да има предвидено инвестиции. Знаеме дека народот ќе впери прст во нас дека сме ја зголемиле цената на водата, но станува збор за сосема мало зголемување кое доколку граѓаните не го дадат за инвестиции во водоводната мрежа, ќе го дадат за флаширана вода, кога ќе има проблеми со снабдувањето со вода  – рече Бислимовски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот