Цената на струјата зголемена за 12,36 проценти, но со помал ДДВ сметките ќе бидат по старо

Струја / Фото: EPA/KCNA

Регулаторната комисија за енергетика објави дека цената на електричната енергија за еден киловат-час е зголемена за 12,36 проценти, но првиот човек на Комисијата, Марко Бислимоски, смирува дека зголемувањето ќе се компензира со намалувањето на данокот на додадена вредност за струјата од 18 на 5 проценти, што ќе доведе дури и до сосема мало намалување на сметките.

Но, новата цена на струјата почнува да важи од 1 јули, а измените на Законот за ДДВ со кој треба да се намали данокот, а кои на 21 јуни добија зелено светло од Владата, сѐ уште не се изгласани во Собранието.

Универзитетскиот професор Кимо Чавдар за „Слободен печат“ објаснува дека законските измени, за ваков закон што носи поповолно решение за граѓаните, може да важат ретроактивно.

– Ретроактивното важење на законите е спротивно на Уставот. Законите важат од денот на донесувањето и објавувањето во „Службен весник“. Но, од друга страна, постои начело според кое секогаш се применува подоброто законско решение за народот. Во таа смисла нема повреда на Уставот во однос на ретроактивноста – вели Чавдар.

Но, сепак, законските измени мора да се направат за да се применуваат. Од друга страна, сметките за струја стигнуваат со скалести датуми, па можно е на пример, на 20 јули да стигне сметка за период од 5 јуни до 5 јули, а законските измени се уште да не се направени, или пак, ЕВН да не е подготвена за двојни пресметки на данок.

– Евтината тарифа останува на сила во дневните и ноќни интервали, како и досега, а сметките за електрична енергија практично ќе останат непроменети со носење на законот со кој ќе се намали ДДВ за електрична енергија – изјави Бислимоски.  

На вчерашната прес конференција, претседателот Бислимоски објасни дека тие ја регулираат, односно ја одобруваат цената само на дел од енергетските компании и дека од побараните 50 денари на 1.000 денари сметка за електрична енергија од страна на тие компании, Комисијата, одобрила само 6 денари. Вкупната цена зависи и од цената што ЕСМ ја понуди на тендер, потоа од законските цени на обновливите изври на енергија, и од ЕВН хоум каде што најголем идел има маржата, која е утврдена на петгодишен тендер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот