Цена на стравот

Кој ја измерил цената на нормализацијата, вреди ли поради стравот за голиот живот да го нормализираме соголувањето на животот? Дали е тој страв – не голиот живот – туку стравот за него, повреден од него самиот? И, конечно, која е вкупната цена на стравот што ќе ја плаќа човештвото?

„Стравот глава чува“ е една од најчесто спомнуваните народни изреки. Никој не треба да се сомнева во нејзината веродостојност: стравот е едно од еволуциски најстарите и најважни оружја во борбата за опстанок.

Биолошката важност на чувството на страв може да се мери токму со неверојатната моќ на адреналинот за помалку од секунда потполно да ги смени сите витални параметри на организмот, сѐ со цел да му ги зголеми способностите за да се справи со опасноста. За тој дел од секундата адреналинот го крева пулсот, крвниот притисок, капацитетот на белите дробови, ритамот на дишењето, ги шири очите, го зголемува шеќерот во крвта и којзнае што сѐ не за да го оспособи организмот за бегање или за борба за спасување на голиот живот. Потентноста на овој хормон е толкава, што преголемата доза предизвикана од хипертрофирано чувство на страв може да влијае деструктивно и буквално да предизвика смрт.

Зајачко срце

Преголемиот страв предизвикува такво неумерено лачење на адреналинот, што овој буквално го експлодира срцето – доколку се работи за „зајачко срце“. Но јас имав можност – сосем неочекувана – да се уверам со сопствени очи дека изразот „зајачко срце“ има цврста втемеленост во стварното искуство. Беше тоа раното лето во 1967 година, кога со мајка ми и брат ми поминавме дузина незаборавни денови во планинарскиот дом на Китка. Времето беше ведро и – иако утро – веќе бевме некако омекнати од јунската припека. Седевме опуштени на импровизираните клупи пред летната кујна, направени од дрвени трупци и даски, и блудеевме со погледите по огромната затревена ледина што од домот стрмно се качуваше кон карпестиот врв од планината.

Туку наеднаш го здогледавме Шарко, кучето на брачниот пар што живееше и го одржуваше домот, како јури нагоре по ледината, во полн трк, всредоточено кон нешто што ние не можевме го видиме. Пред кучето, по целата должина од неколку стотини метри ледина, немаше практично ништо освен трева. Но во еден момент – како од земја да изникнал – скокна див зајак од тревата и се зададе да бега, угоре, во права линија од Шарко и сѐ подалеку од него. Зајачкиот трк беше толку импозантен, со моќни скокови на телото што се виткаше и исправаше како челична пружина, што ние останавме без зборови, со пробесени муцки и изрази на чудење и восхит. Во тој решавачки момент, кога мислевме дека бегалецот му е веќе недостижен на Шарко, зајакот – како погоден од куршум – се претури нанапред неколкупати прекуглава и падна неподвижен. Кучето дотрча до него и рефлексно го здави, но газдарицата му подвикна бесно и го смири, за веднаш да потрча угоре по тревата.

Ние сѐ уште не можевме да сфатиме што се случило, дури се вртевме лево и десно, барајќи го ловецот и маткајќи во меморијата лажни сеќавања за чуениот пукот, кога жената се врати носејќи го зајакот за уши. Ни се обрати како учителка и ни кажа дека кутриот зајак доживеал срцев инфаркт од страв и дека тоа често им се случува на дивите зајаци: од пресилниот адреналински наплив во крвта да им „пукне срцето зајачко“. Бидејќи уште ги држевме лицата зачудени со изрази на неверба, подоцна – додека го подготвуваше зајакот за ручек, таа ни го покажа зајачкото срце. Неверојатно: изгледаше како мала магарешка слива, распукано на врвот буквално исто како кога ќе стиснете слива со два прста за да ѝ ја извадите семката.

Сакав да пишувам за коронавирусот, почитувани читатели, но пак заталкав во младешки сеќавања… А, да, зборот ми беше: стравот чува глава, но прекумерниот страв има најчесто многу посмртоносни последици отколку опасноста што го предизвикала.

Надреален циркус

Во каков надреален циркус на стравот се наоѓа човештвото деновиве, можев да се уверам кога гледајќи ги вестите во 8 навечер, во најважните насловни вести од светот што патуваа по екранот напишани во сината лента во дното, го прочитав следниот наслов: „Сиднеј: полицијата трага по крадците на тоалетна хартија“! Каква е оваа ујдурма, си помислив, некој во телевизијава јадел буники за појадок или шмркал лудара?! Како ударна вест пласираат некоја пародија, демек во една од најбогатите земји од светот, крадците немале друга работа отколку да крадат тоалетна хартија? Нема шанси, си кажав одлучно и тргнав да ја проверам шегата. Кога – стварно! Не само што ова навистина се случило во Сиднеј, туку била и една од главните вести на нивните телевизии?! За случајот тие во вестите ги потрошија десетте први минути, ги пуштија снимките на крадците од сигурносните камери, распишаа национална потерница и повик до сите што ќе ги препознаат да им дојават на властите, а изјави даваа градоначалникот, министерот за внатрешни работи и кој сѐ не.

А што беше повод за националната тревога? Од сигурносната снимка се гледа дека двајца мажи грабнале по една најлонска амбалажа со по 10 стандардни пакувања тоалет хартија во секоја и бегаат со скапоцениот плен. И, толку?! А јас очекував дека ако веќе предмет на кражбата на векот морало да биде тоалетна хартија, крадците – за да се пласираат на главни вести – требало да го опустошат главниот австралиски воен склад за антинуклеарна тоалетна хартија, а пленот да го однеле со руските гигантски воени транспортни авиони од типот Антонов 124 – Руслан. Што треба да се случи за една од најбогатите и најладнокрвните нации да се однесува толку надреално и ирационално?

Непропорционалната реакција на националните влади

Одговорот на прашањето се појави некни, од перото на Џорџо Агамбен, еден од најголемите живи филозофи на планетава. Неговиот осамен крик ја доведе во прашање непропорционалната реакција на националните влади – практично на целава планета – кои советувани единствено од стравот за голиот живот, посегнаа по радикални мерки што практично ограничуваат сè освен голиот живот. Луѓето „се подготвени да жртвуваат практично сè – нормалната состојба на животот, социјалните односи, работата, дури и пријателствата, чувствата, верските и политичките убедувања – поради опасноста да се разболат“, напиша тој.

Нема кој потоа не му се нафрли на големиот мислител, но и покрај неочекувано големиот број на жртви од ковид-19, тој е сè уште во право: поразително е што целиот свет прелесно ја нормализираше вонредната состојба во која се укинуваат практично сите човечки слободи – тоталитарност што ги надминува и најцрните описи од Орвеловата дистопија 1984 – а која е поттикната единствено од базичната анимална емоција на стравот!?

Кој ја измерил цената на оваа нормализација, вреди ли поради стравот за голиот живот да го нормализираме соголувањето на животот? Дали е тој страв – не голиот живот – туку стравот за него, повреден од него самиот? И, конечно, која е вкупната цена на стравот што ќе ја плаќа човештвото?

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот