Цела година „се тепаа“ за законот за обвинители, па го заборавија!

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Предлог-законот за јавно обвинителство е заборавен. Власта цел месец не презела никаков чекор околу овој закон што од летоска е заглавен во собраниска процедура со европско знаменце, откако на 10 септември пропадна обидот да се дојде до решение на шестчасовната лидерска средба помеѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Оттогаш само накратко се сретнаа работните групи на двете партии и на 15-минутен состанок констатираа дека суштинските разлики остануваат.

Според портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов премиерот Заев е подготвен за нова лидерска средба ако има нови идеи од страна на опозицијата без притоа да се поминат црвените линии, а според портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски преговорите на оваа тема се замрени, а се одржуваат само неформални средби без напредок.

СДСМ: Да има правда за сите

Во меѓувреме од Европа стигнаа повеќе сигнали дека треба да се продолжи мандатот на Специјалното јавно обвинителство кое треба да функционира како самостоен орган што ќе отвара истраги што произлегуваат од содржината на нелегално прислушуваните разговори. Тоа го побараа германскиот Бундестаг во документот со кој и дозволи на германската влада да даде согласност Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ, како и Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) во својата резолуција за напредокот на нашата земја, со која побара од властите да ја довршат правосудната реформа и да обезбедат независно ЈО, но и независно СЈО.

Од Министерството за правда се уште не се изјасниле за овие барања од Германија и од ПССЕ. Откако ЈО на чело со Љубомир Јовески ги презеде сите предмети што ги водеше СЈО на 15 септември кога официјално истече мандатот на притворената разрешена обвинителка Катица Јанева, министерката за правда Рената Дескоска рече дека повеќе не е итно да се донесе нов закон за ЈО, затоа што иднината на предметите на СЈО е обезбедена во актуелното ЈО.

Според Костадинов, СДСМ сака да обезбеди принципиелен договор со опозицијата за да се изгласа Законот за ЈО.

– Кога велиме принципиелен договор, мислиме на договор кој нема да ја загрози правдата и ќе обезбеди цврсти механизми дека законите важат за сите подеднакво, без разлика на етничката, верската или политичката припадност. Цврсто стоиме на тоа да обезбедиме право и функционирање на правната држава. ВМРО-ДПМНЕ е нервозна затоа што не успеа да ги спречи и уништи предметите на СЈО. Нашиот став е јасен и принципиелен, одговорност мора да има за секој, вклучително и за тајкуните и за функционерите од ВМРО-ДПМНЕ – вели Костадинов за „Слободен печат“.

Тој додава дека СДСМ сака нормален политички дијалог со опозицијата за сите стратешки прашања и потсетува дека кога тие биле во опозиција ВМРО-ДПМНЕ воопшто не сакала да има вистински дијалог.

– Ние таа лоша пракса ја отфрламе. Демократи сме и длабоко сме убедени дека е наша обврска да се обидуваме да им помогнеме како опозиција да разбере дека мора да го сменат курсот и да се приклучат на процесите кои водат кон ЕУ и НАТО – вели Костадинов.

Европа: Вратете го СЈО!

Бундестагот пред три седмици побара гаранции дека Македонија ќе остане на реформскиот курс и дека и ќе преземе дополнителни напори за да ги исполни критериумите за членство во ЕУ, особено во делот на владеењето на правото. Во документот што го изгласаа германските пратеници се бара ефикасност на СЈО со нова организациска поставеност, борба против корупцијата и организираниот криминал, јакнење на институциите и обезбедување на човековите права.

Собранието на Советот на Европа во резолуцијата за напредокот на Македонија од 2103 година до денес што ја усвои пред десетина дена побара од властите да ја довршат правосудната реформа и да обезбедат независно СЈО. Во документот се бара со правосудната реформа да се гарантира независноста на Јавното обвинителство и продолжение на работата на СЈО.

„Реформата на Обвинителството да му дозволи на Специјалниот обвинител за кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите да ја продолжи својата мисија, да спроведува истраги во тек и да се справи со чувствителните случаи со бараната автономија и независност“, се вели во една од триесетината точки од Резолуцијата 2304.

Прашање е како ќе оживее оваа некогаш популарна институција, затоа што ниту власта ниту опозицијата повеќе не се заинтересирани за СЈО. Тие од пролетоска безуспешно преговараат за нов закон за ЈО, кој досега го видовме во две варијанти. Првата беше поднесена лани во декември и произлезе од експертската работна група за реформи во правосудството.

Во неа беше предвидено СЈО да постои како посебен оддел во рамките на ЈО и беа прецизирани сите надлежности на СЈО кое ќе можеше да гони и случаи од висока корупција. Беше уредено и кога и како ќе се користат „бомбите“ како докази на суд и кога ќе се уништат. Ненадејно летоска СДСМ го повлече овој закон од собраниска процедура и поднесе нов, според кој СЈО повеќе не постои, односно се претопува во ЈОГОКК кое ќе добие нов назив ЈО за гонење на организиран криминал и висока корупција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот