Царовска: За две и пол години инвестиравме над 180 милиони денари во градинки
Повеќе од 180 милиони денари вложило Министерството за труд и социјална политика во реконструкција, доградба и изградба на детски градинки изминатите две години. За наредната година во Буџетот на Министерството се планирани нови 105 милиони денари за истата намена.
– Ние како Министерство се грижиме да ги поттикнеме локалните самоуправи да инвестираат во детската заштита, но и ние како Владата инвестираме во нејзин развој, а особено во инфраструктурата во градинките. Вложивме повеќе од 180 милиони денари само за доградба, реконструкција, проширување и изградба на градинки. Дополнително за наредната година се планирани 105 милиони денари за инвестиција во инфраструктура во детска заштита – рече Царовска при посетата на градинката „11 Октомври” во општина Бутел.
Заедно со градоначалникот на Општината, Велимир Смилевски, додаде министерката, имавме можност да го посетиме делот кој е реновиран и со проширен капацитет и зголемен опфат за дваесеттина дечиња.
– Паралелно не само што работиме на инфраструктурата, работиме на јакнење на капацитетите на вработените градинките и на нивна мотивација затоа што платите во градинките беа на лошо ниво – рече министерката и потенцира со последното зголемување платите во просек во оваа дејност се зголемени за 5.700 денари само за две и пол години.
Градоначалникот Смилевски истакна дека Општина Бутел во изминатите две години, со поддршка и на МТСП, сериозно работело на решавање на сите проблеми во градинките.
– Како Општина во изминатите две години потрошивме повеќе од 19 милиони денари за реновирање и потребна опрема за детските градинки и децата – рече градоначалникот и најави дека во наредните две години ќе се изгради нова градинка, а сите останати објекти ќе бидат средени.