Царовска: Родителот кој смета дека неговото дете нема да може да учи електронски ќе може да си го испечати учебникот

Мила Царовска/ Фото Архива на Слободен печат

Дигиталните учебници ќе се воведуваат сукцесивно, наредната учебна година само во четврто одделение, сите останати одделенија продолжуваат како досега. Законот за учебници нуди комбиниран модел на употреба, и на печатени и на дигитални учебници. Првпат ќе се види што значат тие за олеснување на работата и на наставниците, и на учениците, изјави денеска министерката за образование и наука Мила Царовска.

Моделот што го нудиме е комбиниран, секој ќе може да избере на кој начин ќе учи. Ќе се види бенефитот на дигиталниот учебник, тоа не е учебникот што до вчера го имавме со милијарда факти внатре и само напишан и ставен во ПДФ. Концептот на учење е таму да има примери, насочувања кон истражувања. Секој родител кој смета дека нема да може неговото дете да учи електронски ќе може да си го испечати учебникот и нема да има проблем училиштето – таму каде што има недостиг на финансии во семејството, а таму ќе треба да се обезбедат и електронски уреди од страна на училиштето, рече Царовска.

Според неа, најважно е што првпат се зборува за квалитет зашто учебниците ќе немаат пропусти и несоодветни содржини на неквалитетни учебници кои, како што рече, „ги уништуваа нашите деца и со кои поминаа генерации“.

Ако до вчера дискутиравме на тема за учебници за криминал, корупција и ексклузивни договори, среќна сум што денеска дискутираме и се фокусираме на квалитетот на учебниците. Со овој закон за учебници првпат поставуваме филтри кои треба да обезбедат квалитет, преку комисии составени од наставници од соодветниот предмет, претставници од високото образование и претставници кои имаат повеќе од десет години работно искуство за превенција од дискриминација и почитување на човекови права, за да станат минато оние учебници во кои имаше дискриминација врз основа на етничка припадност, врз жените, уништување на граѓанскиот концепт во државата и претставување на власта како доминантна моќ…, изјави Царовска по посетата на ОУ „25 Мај“ во Гази Баба.

Комбиниран модел на користење учебници, рече, се применува во Естонија, Словенија и Хрватска и тие земји се меѓу најдобрите на меѓународното тестирање ПИСА.

Во однос на здравствениот аспект и поминувањето дополнително време на децата пред компјутер, Царовска одговори дека тие и сега поминуваат непродуктивно време на социјалните мрежи и видеоигри на ИТ-уредите, без едукативни содржини и можности за истражување. Сега нивното внимание се насочува на продуктивно користење на уредите, нема да имаат само еден учебник, туку различни извори на учење, а дигиталните алатки ќе влијаат стимулирачки и со нив ќе ги стекнат потребните вештини што ќе им користат да се справуваат со предизвиците на дигиталниот свет по 20 години.

Свесна е, рече, за социјалната слика во земјава и дека повеќе од 1.300 ученици дома немаат електрична енергија и затоа и во Законот за учебници се пресретнати сите потреби кои може да се појават и согласно можностите на нивните семејства тие ќе бидат сервисирани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот