Царовска: Реформите се сукцесивни и ниту еден наставник нема да остане без работа

Министерството за образование и наука на чело со министерката Мила Царовска, Бирото за развој на образование и членовите на работната група денеска се сретнаа со наставници од сите општини во државата со што го продолжија широкиот консултативен процес во врска со предложените реформи во основното образование.

По одржаните средби Царовска за медиумите изјави дека наставниците ја поддржуваат најавената концепција, како и тоа дека никој од нив нема да остане без работа. 

– Денеска наставниците  ја поддржаа новата концепција, зборувавме и за нивните предизвици, за што се најмногу вознемирени. Специфично се одговори прашањето дека концепцијата ќе се одвива сукцесивно и никој од наставниците нема да остане без работа. На тој начин за шест години ќе добиеме стабилен систем на основно образование преку кој ќе добиеме граѓани кои размислуваат самостојно, критички и ќе научат да размислуваат со своја глава. Дискутиравме и за подготовка на програмите и нивна вклученост во истите. Главна цел на основното образование е да ги научи учениците да учат – нагласи Царовска. 

Својата поддршка за новата концепција ја изразија и дел од самите наставници. 

– Првпат по 30 години работно искуство се најде министер кој ни овозможи да го слушнеме нашиот глас, да даде придонес за сите искуства со тоа што со новата концепција од 2021 година ќе ни овозможи и на нас наставниците да бидеме двигател и да ја продолжиме програмата како што треба – вели професорката Елена Масторидис, од основното улилиште „Лазо Трпковски“ во Карпош. 

Таа додаде дека со новата концепција ќе се поработи на учебниците и наставниците ќе можат да им го збогатуваат знаењето на самите ученици.

– Ќе се поработи на учебниците, досега имавме сувопарни програми. Со новиот концепт ќе можеме да црпиме содржини од кои било теми за да можеме на учениците да им олесниме и тие да сакаат да останат во училиште – додаде Масторидис. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот