Царовска: Понудениот модел за настава е најбезбеден со оглед на епидемиолошката состојба

Побезбедно и подобро е учебната година да почне со физичко присуство на учениците до трето одделение, а останатите со онлајн настава. Сметаме дека овој модел е најдобар во моментот со оглед на актуелната епидемиолошка состојба, изјави вечерва министерката за образование и наука Мила Царовска при гостувањетои на ТВ 24.

– Сите знаеме дека физичкото присуство е најдобро, но епидемиолозите дека може да се затвориме за две недели ако почнеме со физичко присуство сите наеднаш. Такви искуства има во регионот, а последниот е во Израел. Ние сакаме да одиме постепено. Со оваа епидемиолошка состојба, сметаме дека овој модел е најдобар“, рече Царовска.

Од вкупно 494 училишта, барање за физичко присуство поднеле 321 училиште. Помал број од нив, како што вели Царовска, ќе бидат одобрени доколку училиштата ги исполнуваат протоколите, односно во една училница да има максимум 20 деца со растојание од метар и пол.

– Секоја одлука што ќе биде спротивна на епидемиолошката проценка и спротивна на Комисијата за заразни болести и може да нè донесе до еден чекор напред и три назад, а тоа значи зголемување на бројот на заразени и затворање на сите училишта. Зошто да си го правиме тоа, кога можеме да одиме етапно и да ја следиме епидемиолошката состојба, истакна Царовска.

Во однос на реакциите во јавноста дека децата ќе учат онлајн, а од друга страна цело лето излегуваат, Царовска посочи дека угостителските објекти летно време работат на отворено, а училиштата функционираат во затворен простор. Од друга страна, државата е одговорна ако ги отвори училиштата и има зголемен број на заболени, а одговорноста за излегувањето на децата во кафеаните е лично нивна и на родителите.

Од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) го одобруваат моделот што го предлага Министерството.

– Како Синдикат се грижиме за правата и интересите на вработените. Тоа не значи дека не ни е важно дали децата ќе бидат здрави и ќе ја следат наставата или дека сме против квалитетот на наставата. Не, напротив. Ќе направиме максимум учениците да си го остварат своето право на образование, рече претседателот на СОНК Јаким Неделков на гостувањето на ТВ 24.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот