Царовска најави нови програми за прво и четврто одделение

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Наскоро ќе бидат објавени повици за подготовка на наставните програми за прво  и четврто одделение согласно со Концепцијата за основно образование, соопшти министерката Мила Царовска и ги повика експертите да аплицираат на огласите кои ќе бидат објавени и да се вклучат во, како што рече, новото, современо македонско основно образование.

– Среќна сум што добивме конструктивни коментари на јавните расправи во изминатите два месеца, во Собранието беше презентирана и ревидирана верзијата, согласно гласот на различни ескепрти, граѓански организации, професори итн. Сметам дека сега имаме добро решение за концепцијата и многу скоро ќе се објават и повици за подготовка на програмите за прво  и четврто одделение кои понатаму треба да влезат во импелемнтација, рече Царовска, одговарајќи на новинарски прашања по презентацијата на кампањата „Учи паметно, работи стручно” во Скопје.

Наставата во училиштата ќе продолжи да се одвива според хибридниот модел избран на почетокот на учебната година – онлајн-настава за сите освен за учениците до трето одделение и за ученици во погорни одделенија во помали училишта, главно подрачни и во рурални средини.

– Хибридниот модел е стабилен и до денес нема никакви помествувања во континуитетот на одржување на образовниот процес, но и во заштитата на здравјето и на учениците и на наставниците, а со тоа и на јавното здравје. Тоа укажува дека изборот  што нашата држава го направи за овој хибриден модел на настава покажа успех, и за регионот, а можам да кажам и во светот. Затоа ние – Комисијата за заразни болести и министерствата за образование и за здравство, одлучивме и второто полугодие да го почнеме на ист начин како што го завришивме првото. Сѐ додека нема друга промена на ситуацијата, остануваме на истиот модел, рече Царовска.

Во однос на иницијативата да се повлече учебникот Географија за гимназиско образование за втора година, министерката одговори дека тоа не е единствениот учебник и дека тоа ќе важи за сите во кои има стереотипи и навредливи содржини.

– Во првиот месец од мојот мандат повлековме учебник кој имаше дискриминаторска содржина. Секој учебник за кој има пријава дека има дискриминаторска содржина, ќе биде повлечен. За тоа се формира комисија. Во моментов е формирана комисијата за спорниот учебник и ќе ги видиме резултатите кои ќе ги посочи комисијата, што со тој учебник понатаму. Во континуитет се повлекуваат учебници кои во изминатите години и тоа како имале дискриминирачка и навредувачка содржина за различна група граѓани во нашата држава. Владата во програмата тоа го има поставено како приоритетно прашање. Во моментов работиме на системско решавање и поставување филтри за понатаму да не се случува влез на вакви содржини во образовниот систем, додаде Царовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот