Царовска на децата им порача дека ѓубрето е за во канта

Она што денеска го правите со промоција на екологијата во предучилишното образование можеби е мала интервенција во една градинка, но е голем влог во заедниците и во иднината. Ова треба да биде поттик ваквите активности да станат редовни активности во сите градинки. Ова денеска го истакна министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, која заедно со заменик-министерот Ѓонул Бајрактар, градоначалникот на Чаир Висар Ганиу и швајцарската амбасадорка Сибил Сутер Техада денеска присуствуваа на првиот едукативен настан од проектот „Чисти и здрави” што ќе се спроведува во градинките низ Општина Чаир.

Спроведувањето на проектот со кој се јакне свеста за еколошката средина почна во градинката „Фидани” и нуди едукативни содржини наменети за децата од предучилишна возраст.

– Ние како Влада навистина вложуваме во предучилишното образование и тоа го чувствувате сите. Инвестираме во инфраструктурата на градинките, во јакнењето на кадарот и во зголемувањето на платите на воспитувачите и градинките. Работиме на создавање квалитетни програми за работа со децата. Ако тука не направиме доволно квалитетни програми и не ги зајакнеме нашите деца во најраната возраст тие помалку резултати ќе постигнат и во основното образование и во средното образование и понатаму на пазарот на труд. Еден од сегментите е и животната средина и јас сум сигурна дека ваквата едукација ќе даде позитивни резултати во секојдневната заштита на животната средина, рече Царовска.

Министерката Царовска во своето обраќање нагласи дека е многу важно децата од најмала возраст да учат и да стекнуваат позитиви навики со кои сите заедно ќе ја зголемиме еколошката свест.

– Креативниот начин на пренесување на знаењата за чистата животна средина преку илустрирани книги, едукативни видео материјали и забавни апликации несомнено и недостасувале на едукативната методологија која се аплицира во градинките. Сега полесно и со поголема ефикасност, негувателките и посебно родителите ќе можат да придонесат децата да ја сакаат природата и да го поттикнуваат нивното примерно однесување, изјави градоначалникот Ганиу.

Проектот „Чисти и здрави” е финансиран од страна на „Цивика мобилитас” и имплементиран од страна на Балкан економик форум (БЕФ) во соработка со Општина Чаир. Основна цел на едукативните настани е преку игра и забава да се влијае врз подигнување на свеста кај децата за чиста животна средина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот