Царовска: Креираме образование за потребите на стопанството

Креираме образование базирано на вистинските потреби на стопанството, со што бенефит ќе имаат и учениците и компаниите. Учениците добиваат практика и потенцијално сигурно вработување по завршување на образованието, додека компаниите добиваат кадар подготвен да одговори на дадените работни обврски. Ова го нагласи денеска министерката за образование Мила Царовска во Прилеп каде продолжуваат средбите со компаниите, средните училишта и со локалните самоуправи. Царовска имаше работна средба со градоначалниците на Прилеп и Крушево, Илија Јованоски и Томе Христоски, заедно со претставници на компании од овие две општини, како и со директорите на средните училишта.

-Имаме средби на кои дискутираме како да создадеме образование во кое учиме паметно, а работиме стручно.  Во анкетата која ја правеше Министерството за образование, со поддршка на швајцарската Амбасада се утврди дека голем дел од компаниите имаат потреба, и имаат можност да се вклучат во заедничко спроведување на образованието во средните стручни училишта. Тоа би значело воведување на еден дуален систем на образование. Голем дел од компаниите истакнаа дека би ги отвориле вратите за феријална пракса за учениците од средните стручни училишта. Преку овој дијалог сакаме да создадеме доверба помеѓу училиштата и компаниите на локално ниво, но исто така, профилите кои ќе ги отвориме во средните стручни училишта за учебната 2021-2022 година да бидат согласно нивните потреби и да се потрудиме поголем број ученици да имаат пратична настава во компаниите. Така, компаниите имаат можност да го подготвуваат својот иден кадар и вложувањето да го направат во периодот на образованието, а не потоа. Ќе имаме поквалитетни и подготвени ученици за идните работни места. На овој начин продолжуваме да го водиме тој социјален дијалог за кога ќе излезат конкурсите за запишување да бидат усогласени на локално ниво со потребите на реалниот сектор, изјави Царовска.

За да ја поттикне заинтересираноста на учениците за средното стручно образование, Министерството порано ќе го објави стипендирањето. Според Царовска тоа нема да се коси со можните стипендии кои ќе ги даваат компаниите.

Наташа Јаневска од Стопанската комора на Македонија нагласува дека последниве години иста е побарувачката на стручните кадри. Таа упатува апел компаниите широко да ги отворат вратите за феријалната пракса.

– Со ваков дијалог каде секој ги прикажува потребите и секој секого сослушува, може да се придонесе за создавање стручен, квалификуван кадар и побрзо вработување на младите. Ќе создадеме и нови, модерни профили, барани на пазарот на трудот, а потребни за развојот на стопанството.  Стопанската комора активно е вклучена во образовните процеси  и ја поттикнува практичната обука. Постојано правиме анализа, сега и на ниво на Регионите и секогаш имаме една јасна слика. Цело време се потребни мануелните квалификации кои барат вештини: бравари заварувачи, механичари, електротехничари, електричари и оператори со ЦНЦ-машина. Упатувам апел до компаниите реално да ги отворат вратите за учениците и за реализацијата на феријалната практика и само така може сите да придонесеме за атрактивно, модерно стручно образование, рече Јаневска.

Анета Пејоска, директор на прилепското средно стручно училиште „Орде Чопела” вели дека се подготвени и очекуваат компаниите да подадат рака.

-Голем акцент се става на практичната настава, повеќе отколку на теоријата. Учениците од втора година веќе имаат контакт со компаниите и во четврта година практичната настава ќе биде 70 проценти. Сите стручни училишта со компаниите имаат потпишано меморандум за соработка. Средните стручни училишта подаваат рака, се подготвени, а очекуваме отворени врати на компаниите за практичната настава за учениците да бидат подготвени за пазарот на трудот, а знаеме дека компаниите имаат потреба, објаснува Пејоска.

Овие средби ги организира Министерството за образование и наука под мотото „Учи паметно, работи стручно”, со поддршка на швајцарската Амбасада.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот