Царинската лабораторија доби современа опрема со грант од ЕУ

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Инаку модернизирањето на царинската лабораторија е предвидено и со Стратешкиот план на Царинската управа 2018-2020.

Со грант средства од Европската унија во износ од 372.650 евра преку ИПА фондовите, набавена е софистицирана и модерна опрема и апарати за царинската лабораторија. Денес министерката за финансии Нина Ангеловска, амбасадорот на Европската унија во земјава Самуел Жбогар и директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски ја посетија царинската лабораторија и новата опрема.

Набавени се инструменти и помошна опрема, главно хроматографски техники на кои се испитуваат обележувачи во црвена нафта и нафтени деривати, квалитетoт на нафтени деривати и содржина на сулфур, содржина на алкохол во алкохолни пијалоци и содржина на шеќери и масти  во прехранбени производи.

Министерката за финансии Ангеловска посочи дека со опремувањето на лабораторијата, Царината ќе може да дава поефикасни услуги при заштитата на здравјето на граѓаните и животната средина, наплатата на давачките во буџетот и фер конкуренција на пазарот.  Таа рече дека од храната на чиниите, до горивата во резервоарите во возилата, сите тие стоки поминуваат низ царинската лабораторија.

– На пример, досега нафтените деривати се испитувале со класични методи кои траеле подолго, користеле поголеми примероци и не давале комплетен состав. Сега со набавената софистицирана апаратура за покусо време, со помала количина на примерок се добива подетален хемиски состав. Голем дел од анализите на нафтените деривати досега се правеле и преку надворешни лаборатории, со аутсорсинг, се распипшувале тендери, за што биле потреби дополнителни трошоци и време. Сега тоа нема да биде случај, односно испитувањата се вршат во оваа лабораторија – вели Ангеловска.

Министерката посочи дека освен во опрема во царинската лабораторија, се инвестирало и во човечкиот капитал, односно преку твининг програма вработените се обучувале за новата опрема.

Евроамбасадорот Жбогар истакна дека новата опрема ќе придонесе за сигурноста и безбедноста на производите и здравјето на граѓаните и околината, ќе придонесат да се превенираат измами и кон ефикасна наплата на акцизите и царините.

– Оваа опрема, која е сместена во Институтот за хемија покажува дека научните работници и јавните институции заедно можат да работат и да придонесуваат за доброто на граѓаните и општеството во целина – рече Жбогар.

Инаку модернизирањето на царинската лабораторија е предвидено и со Стратешкиот план на Царинската управа 2018-2020.

– Крајна активност на модернизацијата на царинската лабораторија се активностите насочени кон исполнување на условите за акредитација на царинската лабораторија согласно ИСО 17025:2017, што треба да биде реализирано во текот на 2020 година- рече директорот на Царинската управа Танасоски.

Досега преку ИПА се склучени договори во износ од 8,8 милиони евра за поддршка на проекти во Царината, односно за јакнење на административните капацитети, софтвери и други проекти во насока на модернизација на Царината и усогласување со европската пракса и легислатива.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот