Цаца Николовска: Властите како да не сакаа да се врши граѓански надзор над прислушувањето

Цаца Николовска

Јавното обвинителство за 8,4% ја зголемило употребата на посебните истражни мерки за 2019 година, во споредба со 2018. Сепак, постои пад на телефонското прислушување со судска наредба, кое го спроведува Оперативно-техничката агенција. Следењето на комуникациите во земјава најчесто се користело за откривање нарко дилери, односно во 26 од вкупно 46-те случаи, каде е употребувано прислушувањето.

Извештајот на ОЈО беше разгледуван во собраниската Комисијата за надзор на примена на мерките на за следење на комуникациите, која по се изгледа останува единствено тело што на некаков начин е запознаено со текот на прислушувањето, со оглед на фактот што не профункционира Советот за граѓански надзор на ОТА.

Претседателката во оставка на овој Совет, Маргарита Цаца Николовска, вели дека немањето иницијатива кај надлежните остава впечаток дека можеби и воопшто се немало намера ова тело да профункционира.

-Советот и објективно не може да профункционира. Немавме услови за работа. Освен просторија ништо друго не беше обезбедено. Немавме маси, столици, компјутери, ниту веб-страница каде граѓаните би можеле да поднесат пријава. Немавме ниту сеф за документите, а записниците ги пишувавме на рака. Јас и уште двајца колеги поднесовме оставки, кои пак се уште не ни се прифатени. Сега Советот има четири членови, од кои за едниот не сум сигурна дали доби безбедносен сертификат, изјави Цаца Николовска за „Слободен печат“.

Таа додава дека ниту Извештајот што го подготвиле за нивната работа не бил воопшто поставен за разгледување на собраниска седница и тврди дека ако имало желба од страна на властите, до сега ќе избереле нов состав што би вршел контрола над следењето на комуникациите.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот