Цртање приказни со авторски пристап

Во галеријата на МКЦ од 7 до 16 јуни публиката уживаше во изложбата на стрипови од седум автори од повеќе генерации: Иванка Апостолова, Гаја Смилевска, Матеј Богдановски, Вук Митевски, Иван Ивановски, Владимир Лукаш и Ѓорѓе Јовановиќ.

Изложбата „Цртање приказни“ понуди особен фокус на седум автори и нивните стрип-дела работени по мотиви на современи македонски писатели или во комплетно авторство (цртеж и текст) на самите автори. „Преку оваа изложба настојуваме да го прошириме погледот на можните начини на презентирање и промовирање на стриповите, притоа отворајќи простор за дискусија за продукцијата, пред сѐ, на некомерцијалните, авторски стрипови“, велат организаторите.

Еден од авторите е академскиот сликар Ѓорѓе Јовановиќ, кој значително придонесува во развојот на современата уметничка сцена со своите слики и цртежи, инсталации, објекти, интерактивни, партиципативни и колаборативни проекти, но и како иницијатор и организатор.

– Преку изложбата „Цртање приказни“ нашата намера беше да обединиме седум автори од повеќе генерации што работат во областа на стрипот. Она што е специфично е тоа дека повеќето од авторите се ликовни уметници, па оттаму и третманот на стрипот кај сите овие автори е поразличен од оној на класичните стрип-автори. Токму тука е и главната идеја и намера на изложбата да даде малку поразличен и иновативен пристап кон поимањето и потенцијалот на стрипот како медиум и за тоа како еден стрип би можел да се развива надвор од класичниот формат – вели Јовановиќ за „Културен печат“.

– Она што е, исто така, особено важно е дека дел од изложените стрипови се работени по мотивите на приказните или песните на современи македонски писатели. Мојот стрип е работен според мотивите на „Кинеска делегација во Прилеп“, чин од драмата „Чернодрински се враќа дома“ од Горан Стефановски. Матеј Богдановски се претстави со стрип-адаптација на новелата „Улица“ од Славко Јаневски, Иван Ивановски со своја стрип-адаптација на песната „Небиднина“ од Ацо Шопов, додека другите автори покрај цртежите се автори и на приказните – вели Јовановиќ.

На почетоците на оваа уметност се велеше дека ги расипува децата, дека е залудна забава, дека нема уметничка вредност. Стрипот помина долг пат до уметничка, теоретска, академска афирмација: историјата на уметноста го негираше, теоретичарите и универзитетските институции го омаловажуваа, галериите го избегнуваа.

Јовановиќ смета дека нашите ликовни и стрип-автори имаат неверојатни потенцијали, но го загрижува третманот на уметниците кај нас.

– Тоа влијае и врз нас кои сме повозрасни, но особено и врз помладите автори, бидејќи тие некако се губат во тој простор, во таа средина што не е доволно мотивирачка. Во таква атмосфера, нивната одлука да престанат со работа се сѐ почести и почести. Оттаму, идејата на оваа изложба е да се спротивстави на тие процеси, да ги мотивира, да им даде поттик и да ги испровоцира самите автори да работат, да укаже дека нивната работа не е залудна и дека секогаш ќе постои публика која ќе биде заинтересирана да ги погледне нивните дела – нагласува Јовановиќ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 133, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19 јуни 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот