Црногорската влада ги ограничи маржите на основните прехранбени производи

супермаркет
Маркет/Фото: Пиксабеј

Црногорската влада донесе одлука со која се ограничуваат максималните маржи во продавниците на големо на пет отсто, за пченица, шеќер, масло и сол, додека максималната маржа за овие намирници за малите продавници ќе биде седум отсто.

Објаснувајќи ја одлуката, министерот за економски развој и туризам Горан Ѓуровиќ рече дека црногорската Влада прави се што може за да го ублажи растот на цените на храната и енергенсите.

„Најдовме оптимум да ги заштитиме граѓаните за да го ублажиме растот на цените“, рече Ѓуровиќ, нагласувајќи дека Црна Гора има доволно енергенси и храна.

Одлуката доаѓа откако цените на горивата во Црна Гора достигнаа историски максимум во вторникот.

Претходно, премиерот Дритан Абазовиќ ги повика граѓаните да штедат енергија и најави можност за недостиг наесен.

Инфлацијата во Црна Гора во првите пет месеци е околу 12 отсто, а цените на храната драстично се зголемија од почетокот на војната во Украина кон крајот на февруари.

На почетокот на 2021 година беше потребно да се одвои едно евро за литар нафта, додека цената на црногорските пазари сега се движи меѓу 2,3 и 2,4 евра.

Исто така, цената на брашното за една година е двојно зголемена, а денеска е 0,8 евра.

Видео на денот