Црните пари во македонскиот политички циркус

Џабир Дерала / Фото: СП. архива

Со обелоденувањето на фактот дека имало огромни суми црни пари во кампањата и фактите што произлегуваат од мониторингот на теренот, неминовно се наметнува барањето од институциите да кажат дали имале сознанија за криминалот поврзан со политичкото финансирање.

Локалните избори го изгубија своето значење уште многу одамна, со упорното инсистирање на националистичките политички партии во опозицијата да наметнат национална агенда и теми во кампањата. Кампањата се водеше како да се парламентарни избори и како да се работи за референдум за името и за преиспитување на евроатлантската стратешка определба на државата.

Притоа, кампањата беше исклучително валкана и преполна со дезинформации, навредлив говор и повици за одмазда и насилство. Медиумите, како и обично, продолжија со својот лежерен однос кон фактите и вредности, па само „балансираа“ помеѓу „завојуваните страни“ во изборниот натпревар, како администратори на огласни табли.

Тоа што го гледавме во последните два дена од кампањата и во изборниот молк е јасна илустрација за однесувањето на радикалната опозиција во текот на целиот изборен процес. Тие направија „колекција од сликички“ со низа кривични дела во кои нескриено учествуваа високи партиски функционери и лидери, „возејќи се“ на бескрајната попустливост и толеранција на Зоран Заев, но и на неказнивоста во која уживаат радикалите веќе подолго време.

Според анализите на ЦИВИЛ, тоа е една од причините и за ниската излезност на гласачите.

Кулминација: Заев поднесе оставка

Кулминацијата на изборниот процес беше експресната оставка на Зоран Заев од челната премиерска и партиска позиција, која предизвика бура од реакции во и надвор од земјата. Политичките лидери на сите коалициски партнери едногласно побараа од него да ја повлече оставката од повеќе причини. Аргументите, пред сè, одат на контото дека станува збор за локални, а не парламентарни избори. Понатаму, цврсти аргументи се дека парламентарното мнозинство е стабилно и дека е потребно да се продолжи со евроинтеграциските процеси.

Локалните избори беа одлична можност, по низа тешки политички и изборни порази, ВМРО-ДПМНЕ да спроведе кампања за да изврши јуриш на централната власт. Тоа не можеа да го направат сами, па затоа прибегнаа кон сите позитивни практики кои, со тешки маки и огромни компромиси, ги воведоа прогресивните политички субјекти во земјата. Како и секогаш, така и во кампањата за локални избори, го „позајмија“ вокабуларот и имиџот на прогресивните граѓански организации и Шарената револуција, а ги презедоа (само формално, за пред камери) и политичките „преседани“ кои ги направи Зоран Заев во изминатите неколку години. (Пеењето на „Бела чао“ пред раскошното седиште на ВМРО-ДПМНЕ, ќе остане запаметено како гротеска со епски размери.) Добитна комбинација: црна кампања, „позајмени“ пораки и формално (привремено) напуштање на националистичката реторика и искористување на слабостите на институциите и на власта, уживајќи во плодовите на долгогодишните хибридни напади врз државата – рецепт за солидна политичка победа.

ВМРО-ДПМНЕ, свесни дека не можат сами, на помош ги викнаа, замислете, Албанците. И тоа не било кои, туку оние чиј лидер речиси го убија нивните поддржувачи во терористичкиот напад на Собранието на 27 април 2017 година. Без извинување, барем. Овие, пак, послушно ја прифатија понудата и го одработија своето. Оваа коалиција ќе остане една од најчудните во македонската политика. Анализите на бројките покажуваат дека повеќе се работи за пораз на СДСМ, отколку за победа на ВМРО-ДПМНЕ. Но тоа и не е некоја утеха – пораз е пораз.

Повеќе важни поенти произлегуваат од обраќањето на премиерот и лидер на социјалдемократите, кој покажа висока одговорност (според многумина, дури и несоодветна) и државнички став. Но една поента никако да се најде на „дневниот ред“ во анализите и институционалното постапување.

„Должност ми е да искоментирам дека на овие избори беа видливи многу пари на терен кај опозицијата, дојдени доминантно од надвор, а дадени заради политички, но и заради економски причини. А дел од големите пари ги добија и од домашни бизнисмени, пред сѐ газди на градежни компании, заради идни лични финансиски интереси и планови. Жалам што сите овие пари се значајна причина за ваквиот резултат на изборите“, рече премиерот во оставка.

Изјавата на Зоран Заев е признание, поточно уште една потврда за многубројните извештаи, анализи и препораки на ЦИВИЛ, како во текот на изминатите четири години, така и во екот на изборниот процес. Конечно, добивме речиси директно признание и потврда од највисоко ниво, дека македонското општество, институциите и државата во целост се „предмет на обработка“ на политичките и криминалните центри на политичка и финансиска моќ. Поточно, Северна Македонија е мета на хибридни напади со години.

Индикации за големи износи на црни пари на теренот дадоа и полициските билтени за време на изборниот процес. Исто така, набљудувачи на ЦИВИЛ на теренот дадоа јасна слика за интензивниот притисок врз гласачите и за една насилна и исклучително црна кампања со огромни размери. Што не е бесплатно и не може да биде спроведено со легални пари и со легални средства.

Впрочем, ваквите кампањи не се новост на македонскиот политички и општествен простор. Видливи се последиците што ги трпеа и сè уште трпат општеството и државата по 11 години владеење на Груевски, но и од хибридните напади врз сите национални и стратешки определби на државата по неговиот пад.

Десантот за уривање на Заев успеа, на ред е владата

Десантот за уривање на Зоран Заев, засега, ги даде очекуваните резултати. На ред е уривање на владата, а потоа следи и свртување на курсот на државата.

Иако изборниот процес во целина, политички гледано, може да се оцени како уште еден во серијата слободни, фер и демократски, неизбежни се прашањата за тоа како толкава сума црни пари „течеше“ низ земјава. Со обелоденувањето на фактот дека имало огромни суми црни пари во кампањата и фактите што произлегуваат од мониторингот на теренот, неминовно се наметнува барањето од институциите да кажат дали имале сознанија за криминалот поврзан со политичкото финансирање. Ако имале сознанија, треба да одговорат зошто тоа не било спречено. Ако немале сознанија, уште поважен е одговорот на прашањата за капацитетите, а особено за компетенциите.

И тука не е крајот на овие злокобни дубиози. Безбедноста на државата може и тоа како да биде доведена во прашање ако нејзината структура е како швајцарско сирење и ако секој однадвор или однатре може да финансира операции за тектонски политички поместувања. Утре може тоа да биде и операција за менување на националните стратешки определби (од НАТО земја да се сврти кон Истокот, на пример) или дури и територијални прекројувања во земјата, што секако ќе има и регионални импликации.

Вреди барем да се размисли за сето ова, кога веќе изостанува политичка и институционална реакција.

 

Извор: Цивил медија

Видео на денот