Црна Гора е прва во Европа по трговија со дрога

Илустрација, дилери на дрога / Фото: МИА

Според Глобалниот индекс за организиран криминал, Црна Гора е рангирана на прво место во Европа и на 14 место во светот кога станува збор за трговија со дрога, а четврта во Европа по криминал, по Русија, Србија и Украина и 45 -та во светот, јави РТЦГ.

Кога станува збор за отпорот кон криминалот, како што е наведено во Институтот за алтернативи, од 44 европски земји, Црна Гора е на 38 -то место и 112 -то место во светот.

Се наведува дека хероин од Албанија и Косово се шверцува за Србија и земјите од Европската унија и дека криминалните групи поврзани со тие дејности се карактеризираат со одредено ниво на насилство. Црна Гора, се посочува, дека е главната влезна точка за кокаин шверцуван во ЕУ преку Балканот, претежно од Латинска Америка.

Пазарот на кокаин е контролиран од неколку мафијашки групи, особено клановите „кавачки” и „шкаљарски”, се наведува во извештајот.

„Марихуаната исто така се криумчари преку Црна Гора од Албанија во Србија и БиХ. „Најголемите заплени на дрога се канабисот, кој е најконсумиран во земјата”, стои во Глобалниот индекс за организиран криминал.

Кога станува збор за нелегална продажба на оружје, Црна Гора е една од најважните транзитни рути во регионот, од Србија кон Блискиот Исток, од Русија до Северна Африка (претежно до Либија) и од Балканот до Западна Европа, како и од БиХ до Србија и Косово.

„Оружјето најчесто се шверцува со легален товар во приватни возила”, се вели во извештајот.

Во извештајот се дадени и податоци за трговија со луѓе. Од 2015 до 2019 година биле идентификувани само 22 жртви, но формите на трговија со луѓе и ропство во служба на компјутерскиот криминал стануваат се пософистицирани.

Видео на денот