Ципрас: Очигледна и неизбришлива одговорноста на Владата за пожарите

Алексис Ципрас / Фото: EPA-EFE/KOSTAS TSIRONIS

 Одговорноста на Владата на Мицотакис за пожарите е очигледна и неизбришлива, рече лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас на денешната прес конференција, на која упати критики до Владата за начинот со кој се справува со пожарите во земјата и паралелно претстави седум предлози, јави дописничката на МИА од Атина.

Ципрас истакна дека несомнено климатските промени се „крајно опасна реалност”, но додаде дека тие не може да бидат изговор.

-Владата на господинот Мицотакис не може да се повика на тоа како изговор. Бидејќи ги игнорираше нашите предупредувања, како и предупредувањата на научниците. Уште полошо, ги игнорираше плановите што и ги предадовме. И ова можеби е најсериозната и најкриминалната одговорност што денес треба да ѝ се припише, рече Ципрас.

Побара од Владата да преземе политичка одговорност и заедно со опозицијата и експертите да се договори за национален план за обнова и ги претстави седумте предлози на СИРИЗА.

Меѓу предлозите се и: сите изгорени површини, согласно Уставот да се прогласат за области што треба да се пошумат; во соработка со партиите да се ​​подготви Национален план за справување со климатската криза и последиците од природните катастрофи; да се ​​усвои предлог-законот на СИРИЗА од 2019 година за формирање Национален орган за цивилна заштита и отпорност, во кој ќе работат лица прифатени од сите партии и кои нема да се менуваат со промената на власта; да се изготви план веднаш да бидат обесштетени погодените од пожарот.

-Мојот став е дека за земјата, за да закрепне, потребно е единство, план и решителност. Човечката драма што ја живеат илјадници наши сограѓани, но и целото наше општество, најмалку што бара е консензус на сериозност и почитување, истакна Ципрас.

Одговарајќи на новинарско прашање, зошто не бара избори, лидерот на СИРИЗА потенцираше дека последното што го интересира е политички да ги искористи „болката, катастрофата и трагедијата на илјадниците граѓани”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот