Ципрас обвинува: Мицотакис не ги носи на гласање меморандумите со Северна Македонија бидејќи се плаши да не ја загуби пратеничката група

Алексис Ципрас / Фото: EPA-EFE/KOSTAS TSIRONIS

Мицотакис не се охрабрува да ги донесе за ратификација во Парламентот трите меморандуми со Северна Македонија, бидејќи се плаши да не ја загуби пратеничката група, порача лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас за време на традиционалната прес-конференција во Солун, во рамки на Меѓународниот саем, коментирајќи дека сето ова е во корист на Турција, јави дописничката на МИА од Атина.

Одговарајќи на новинарско прашање за Договорот од Преспа, Ципрас посочи дека и Северна Македонија треба да го исполни својот дел во однос на спроведувањето на договорот и упати критики до актуелниот грчки премиер дека е „слаб и плашлив” за конкретната тема.

Рече дека Мицотакис се крие зад изговори, но и оти лицемерно се бореше против договорот „за да искористи конкретна струја од тој период, а денес, иако самиот ја разбра потребата да го почитува договорот, не се охрабрува да ги донесе за ратификација во Парламентот трите меморандуми”, кои според Ципрас се многу позитивни за Грција.

Едниот се однесува на одбрана на воздушниот простор на Северна Македонија од грчки воени авиони, а другите се договори со економска содржина, кои кога ти, што се поволни за тебе, не ги промовираш, немаш преговарачка сила да бараш од твоите партнери да го почитуваат и спроведат договорот. Не бара од нив да го почитуваат и спроведат договорот и ги остава опуштени. Кој има корист од ова? Да ви кажам јас кој има корист? Турција има корист од ова, рече Ципрас, објаснувајќи дека една од намерите на Турција била „на Балканот да создаде Либија”.

Лидерот на СИРИЗА порача дека и Северна Македонија мора да го спроведе својот дел од договорот и ги спомена трговските ознаки, учебниците, како и спортските здруженија, а како пример ја зема Фудбалската федерација, за која рече дека „не може да се вика поинаку од Фудбалска федерација на Северна Македонија”.

-Кој ќе ги притисне да го спроведат ова? Кога немаш храброст да ги донесеш за гласање, за ратификација трите меморандуми, бидејќи имаш пратеничка група која се плашиш да не ја загубиш. Толку е слаб и кукавица, коментираше Ципрас за Мицотакис.

Со оглед на тоа дека во рамките на Меѓународниот саем во Солун, минатиот викенд говор и прес конференција одржа грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, но ниту во обраќањето ниту во прашањата од новинарите не беше споменат Договорот од Преспа или Северна Македонија, Ципрас коментираше дека  Мицотакис, „говореше еден час и 20 минути, а на прес конференцијата што траеше два часа со 45 прашања, не се слушна зборот Северна Македонија”.

Додаде дека негова претпоставка е дека „премиерот немаше да има храброст да го изговори името на соседната земја”.

-Очекував барем да се слушне овој збор, не се слушна и мора јас да го споменам: Северна Македонија, земја која треба да биде наш сојузник, земја која треба да го спроведе договорот, а спроведувањето на договорот е во корист на двете страни, порача Ципрас.

На денешната прес-конференција што траеше три и пол часа, лидерот на СИРИЗА одговори на 44 прашања од новинарите поврзани со речиси сите актуелни теми во Грција: економијата, пандемијата, вакцинацијата, иднината на младите, мигрантското прашање, односите со Турција

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот