Циципас против Алкараз за полуфинале на „Ролан Гарос“

Грчкиот тенисер Стефанос Циципас се пласираше во четвртфиналето на грен слем турнирот „Ролан Гарос“.
Циципас на Отвореното првенство во Франција го совлада Себастијан Офнер од Австрија со резултат 7:6, 6:3 и 6:0.
Во првиот сет Австриецот му пружи силен отпор на моментно петтопласираниот тенисер во светот, но потклекна во тај-брејкот.
Следните два сета му припаднаа на Гркот, кој докажа зошто беше фаворит во овој дуел. За пласман во полуфиналето Циципас ќе игра против првиот светски рекет Карлос Алкараз од Шпанија.
Во женска конкуренција втората носителка на турнирот Арина Сабаленка од Белорусија со 7:6 и 6:4 ја елиминираше Американката Слоан Стивенс.
Сабаленка за пласман во полуфиналето во Париз ќе игра против Украинката Елина Свитолина која со 6:4 и 7:6 триумфираше над Дарија Касаткина (Русија).