Чурлинов: Зошто да не успееме по вторпат да ја победиме Германија?

Дарко Чурлинов има понуда да игра во англискиот Чемпионшип/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Дарко Чурлинов, една од македонските најголеми фудбалски надежи, оваа сезона ги брани боите на бундеслигашкиот второлигаш Шалке како позајмица од редовите на Штутгарт.

21-годишното крило веќе има четири настапи за Шалке кој посакува да се врати во елитата, после седум кола е на 11 позиција со 10 бодови, четири помалку зад лидерот Падерборн.

Чурлинов во интервјуто за клупскиот сајт на Шалке зборуваше за својот престој во Гелзенкирхен, новата средина, за неговиот поранешен клуб Ханза Росток, навивачите на Шалке и дуелот со Вардар во Скопје, дебито за А репрезентацијата на Македонија, досегашниот тек на квалификациите за Светското првенство 2022 Катар…

Во првиот меѓусебен меч нашите најдобри фудбалери направија изненадување годинава во март во Дуизбург славејќи против најголемиот фаворит во квалификациската група, Германија, со резултат 1:2.

Токму тоа е нашиот последен триумф досега во овие квалификации, моментно после шест кола Германците водат со 15 бодови и се чекор поблиску до обезбедување на учество на Мундијалот, следува Ерменија со 12, Романија има 10, а Македонија девет на четвртата позиција, и се очекува овие три селекции да се борат за второто место кое води во следната фаза на патот кон СП.

Дарко Чурлинов посакува успешни игри во втората Бундеслига во Росток и против Инголштад/Фото: twitter.com/s04/FC Schalke 04

Остануваат уште четири кола до крајот на квалификацискиот циклус кои ќе се одиграат во октомври и ноември. Најпрвин на 8 октомври Македонија гостува кај Лихтенштајн, за три дена ќе ја пречекаме Германија, па на 11 ноември следува гостувањето против Ерменија, а на 14 ноември завршуваме во Скопје против Исланд.

– Дебито за македонската А репрезентација и учеството на Европското првенство многу значат за мене. Мој сон беше да бидам репрезентативец и ги бранам боите на мојата земја. Искуството во националниот тим многу ми помага во спортскиот развој. Благодарение на интернационалните мечеви, бев во можност да игра против најдобрите играчи во Европа на највисоко ниво на млада возраст.

Што се однесува до квалификациите за СП, во октомври се среќаваме против Лихтенштајн и Германија. Дуелот со Германците нема да биде лесен, но го имаме домашниот терен во Скопје и тоа е нашиот плус. Во првиот меѓусебен натпревар покажавме дека е можно да се совлада Германија. За тоа ви треба добар ден, тогаш ние го имавме. Имаме голем квалитет во репрезентацијата и зошто да не успееме по вторпат да триумфираме против Германците? Едвај го чекам натпреварот. Но, пред репрезентативните обврски во октомври, сакам да имам успешни настапи со Шалке во Росток и потоа против Инголштад – вели Чурлинов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот