Чулев за ,,Слободен печат”: Мајката и синот од Велес починале на крајот на јануари

Наќе Чулев/ фото: МИА

При обдукцијата се покажа дека во дишното стебло, односно во трахеата на починатата Маноилова, имало останато траги од РНК на коронавирусот.

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, за „Слободен печат“ тврди дека од оперативно криминалистичките активности што СВР Велес ги преземало на терен, а и од искуството на лицата во крим-техника, смртта на велешаните Катерина Маноилова и нејзиниот син Ванчо Маноилов настапила барем еден месец пред периодот што го утврди судска медицина, што повторно го актуелизира прашањето дали коронавирус во Македонија имало уште од декември или јануари.

При обдукцијата се покажа дека во дишното стебло, односно во трахеата на починатата Маноилова, имало останато траги од РНК на коронавирусот. Инаку, иако жив вирус не може да опстои во починато тело многу долго време, сепак траги од вирусот, односно рибонуклеинска киселина на вирусот, може да остане и десетици години.

На 6 април екипа на крим-техника од СВР Велес, излегла на терен и отишла во станот каде што живееле мајката и синот.

– Констатираат смрт и на двајцата. Телата се во поодмината фаза на распаѓање и фактички се констатира дека синот починал од карцином на бубрег, а во трахеата на мајката имало корона. При земање на брис во трахеата на мајката потврдено е дека имала Ковид 19. После тоа судска медицина врз основа на телата што се пронајдени, кажува дека најверојатно смртта настапила крај на февруари или почеток на март. Уште не е затворен случајот.

Уште предистражната постапка трае. Обвинителот, со цел утврдување на точниот датум на настапување на смртта, му наложува на СВР Велес да преземат оперативно криминалистички активности на терен и тие ги преземаа. Разговараа со соседите од зградата, со лица од продавниците каде што пазарувале мајката и синот, уште чекаме испис од мобилните телефони да се види кога било последното јавување. Веќе е направен увид со ЕВН бројчаникот од електродистрибуција да се види до кога трошеле струја, истото се чека и за водата што ја користеле во станот.

Досега сите сознанија зборуваат дека она што е оперативно добиено на терен, дека сите активности во станот прекинуваат на крајот на јануари. И дека последното видување од страна на соседите и продавачите е втора половина на јануари. А исто така и крим техника, врз основа на лично искуство на вработените, смета дека смртта настапила многу порано отколку што кажува судска медицина. Како и да е, ние не сакаме да го контрираме извештајот на судска медицина меѓутоа, оперативните дејствија преземени на терен укажуваат дека смртта настапила на крајот на јануари или на почетокот на февруари, а не крај на февруари почеток на март како што кажува судска медицина. Значи, смртта настапила еден месец порано.

Ако е тоа така, тогаш нултиот случај не е жената што се врати во земјава со комбето од Италија, туку дека можеби ние сме имале корона уште во декември или јануари. И има уште една дилема, а тоа е дека оние што се светски истражувања кажуваат дека короната не може долго да живее во мртво тело. Се ова се дилеми – објаснува министерот за „Слободен печат“.

Се очекува обвинителот да го затвори случајот бидејќи СВР Велес сега постапува во налог на обвинителот за преземање дополнителни активности на терен. Се што ќе се собере како информација ќе му биде доставено на обвинителот со извештај. Уште е дилема кој прв починал, дали мајката или синот.

Случајот со семејството Маноилови од Велес, предизвика огромен интерес кај јавноста, зашто постхумно кај лица што воопшто немале богат социјален живот, не патувале во странство, не примале гости и живееле тивок и повлечен живот, пронајдено беше дека во трахеата на мајката имало траги од Ковид.

Министерот за здравство, доктор Венко Филипче, кажа дека обдукцијата била направена врз телото на мајката и синот, со цел да се утврди причината за смртта, а дека според информации од Судска медицина, констатирано е дека смртта на мајката и синот од Велес настанала 3 до 5 недели пред да биде пронајдено телото, односно во текот на март, време кога во земјава веќе имаше потврдени случаи на коронавирус.

– Поради тоа, нема посебен интерес да се направат дополнителни испитувања поврзани со ковид 19. Сега останува Институтот за судска медицина да ја потврди точната причина за настанувањето на смртта кај двете лица – посочи министерот на прес конференцијата од 21 април.

Подоцна се дозна и дека полицаец од крим техника што бил да врши увид во станот на велешаните, има коронавирус. Меѓутоа, можноста вирусот да се пренесе од починато тело на жив организам е исклучително мала, а освен тоа полицаецот носел и скафандер и опрема со високо ниво на заштита, зашто, поради природата на својата професија, правел увиди постојано и на други места.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот