Чулев му одговори на Спасовски: Професионалниот пристап не ми дозволува да коментирам политички изјави кои се одраз на аматеризам

Наќе Чулев/Фото: Слободен Печат/Драган Митрески

Професионалниот пристап во работата и мојата лична култура не ми дозволуваат да коментирам политички изјави затоа што тие најчесто се одраз на одреден страв, аматеризам, непознавање на состојбите и ниска политичка култура. И навистина е така, особено во денешната изјава на Оливер Спасовски во која тој бара некаква одговорност од моја страна, пишува министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на официјалниот Фејсбук профил, откако премиерот побара негова оставка поради литијата во Струга.

-Па за да бидат работите целосно јасни, најпрво ќе го упатам таа професионална одговорност да ја побара од луѓето во Бирото за јавна безбедност кои се поставени токму од него, а кои во хиерархиската поставеноста на Министерството за внатрешни работи ја имаат директната одговорност на конкретниот настан на кој тој посочува пропусти од страна на полицијата.

Дополнително, кога зборува за политичка одговорност ќе го потсетам само на десетиците спорни и незаконски тендери кои се направени од негова страна во Министерството за внатрешни работи, а за кои веќе постапува Основното јавно обвинителство, хаосот со личните документи, незаконските решенија кои ги делеше пред да замине по полиитичка линија и без да се почитува системот на кариера, незаконското поништување на решенија кога се фалсификуваа одлуки и документи од страна на Владата и за кои Државната комисија за спречување на корупција потврди дека се направени на незаконски начин и низа други активности кои се во спротивност со законот.

Јавноста е сведок дека во времето на Оливер Спасовски, на големо се шпекулираше дека полициските структури блиски до него се на платен список кај криминалните структури, а неспорен е и фактот дека токму во тоа време во неколку наврати се случуваше бегство на осудени лица за тешки кривични дела.

На Оливер Спасовски веројатно му пречат констатациите на граѓаните дека во последните три месеци од страна на полицијатa се реализирани многу повеќе акции во споредба со целиот негов мандат во МВР или пак тој е уплашен од неселективното спроведување на законите и безпоштедна борба против криминалот и корупцијата.

Граѓаните, но и самиот Оливер треба да бидат смирени. Јас сум човек професионалец и мене не ме интересира политика. Во фокусот на моето работење се граѓаните и мојата држава и ќе направам се што е во мои раце Министерството за внатрешни работи и во иднина да биде вистински сервис и заштита на секој еден чесен и искрен човек.

За каков морал и за каква одговорност зборува Оливер Спасовски? Зарем погореспоменатите работи не се доволен аргумент против тоа, напиша Чулев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот