Чулев ќе побара мислење од ДИК за назначување на Ставрески за началник на СВР-Скопје

Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев потенцира дека е најважно да се функционира професионално и согласно законските норми. Сé друго, како што напомена, претставува политизирање и израз на страв од соочување со професионалци.

Проблематизирањето на изборот на Ристе Ставревски за началник на СВР-Скопје е од политички причини и го изразува стравот на критичарите од професионално вршење на активностите, смета техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев.

Тој за МИА изјави дека утре ќе поднесе барање за мислење до Државната изборна комисија (ДИК).

– Ставрески не е осудуван, ниту против него има постапка или каква било истрага. Напротив, тој е лице кое поседува сертификат „државна тајна” за информации од доверлив карактер, издаден во периодот кога Спасовски беше министер за внатрешни работи. Не гледам никаква пречка да биде началник на СВР – Скопје и поради можноста различно да се толкуваат законските прописи, планирам да се обратам до ДИК која ќе треба да одлучи и да се изјасни за натамошно нормално функционирање на позицијата на лицето за кое станува збор, рече Чулев.

Тој потенцира дека е најважно да се функционира професионално и согласно законските норми. Сé друго, како што напомена, претставува политизирање и израз на страв од соочување со професионалци.

На прашањето од МИА во врска со неговата одлука да се вратат возила во МВР, меѓу кои и она што го користи претседателот на државата Стево Пендаровски, министерот одговори дека постапувањето согласно законите, процедурите и прописите е начинот на кој работи актуленото раководство на МВР.

– Водењето сметка за инвентарот и опремата на МВР не е „спорна одлука”, туку само еден дел од тоа постапување. Без да сакаме да навлеземе во дневно-политички интриги, креирани од партиските кујни на СДСМ, најостро ги демантираме објавените наводи и невистини и апелираме до медиумите и новинарите да ги почитуваат принципите на етичко известување. За волја на вистината, од десетици возила за кои е утврдено несоодветно користење, само едно е вратено, а останатите се користат надвор од правилата и процедурите на МВР, подвлече Чулев.

Нагласи и дека безбедноста не е загрозена на ниту еден носител на јавна функција, посебно не на премиерот и на шефот на државата.

– Како човек со повеќе од 20 години искуство во областа на безбедноста, во никој случај не би дозволил да се загрози безбедноста на премиерот и претседателот. Инаку, бројот на возила кај претседателот на државата и кај премиерот сега е многу поголем, рече Чулев.

Додаде и дека последните неколку дена пред да стапи на функцијата, сите возила од Кабинетот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски биле распределени во други институции и оранизициски единици.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот