Чудно е што пратеници, а не Владата, предлагаат закон за стратешки инвеститор!

Санирање на патишта / Фото: Архива на Слободен печат

Наспроти упорноста на функционерите, кои од „петни жили“ нѐ убедуваат дека нема ништо спорно во туркањето на специјалниот закон што ќе му овозможи на американско-турскиот конзорциум да гради автопати без тендер, јавноста се прашува зошто пратеници, а не Владата, поднесуваат закон за стратешки инвеститор?!

Безмалку е недоволно што министрите велат дека ова е нов модел, кој првпат се користи кај нас.

– Владата донесува одлука за утврдување статус на стратешки инвестиционен проект и дава согласност на предлог-договорот за стратешки инвестиционен проект и го утврдува текстот на предлог-законот, со кој се уредува реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект по претходно добиено позитивно мислење од Државно правобранителство на Република Северна Македонија – стои во Законот.

Правни експерти за „Слободен печат“ велат дека оваа постапка има две димензии. И ако ДКСК поднесе иницијатива за разгледување на Законот за пред Уставниот суд, има реални шанси да се поведе постапка за неа.

– На прв поглед е добро што сме добиле таква понуда, што се вели „клуч на рака“ за изградба на автопатишта и тоа би требало да се прифати. Но, делот на склучување спогодба во четири очи, може да предизвика сомнеж за потенцијална злоупотреба. Владата треба да биде претпазлива во вакви ситуации, оти како држава имаме горко искуство од претходните вакви договори, кои граѓаните скапо ги плаќаат, а уште не се изградени (автопатот Кичево-Охрид) – велат експертите.

Кога го промовираа овој закон, од Владата инсистираа дека постапката за стекнување статус на стратешки инвестициски проект, од страна на сите страни, ќе се спроведува на фер, транспарентен и недискриминаторен начин, со активно учество на стручната и поширока јавност. Според општите услови за добивање статус на стратешки инвестициски проекти, реализацијата на стратешките инвестициони проекти е јавен интерес.

– Предложените инвестиции мора да бидат усогласени со стандардите за животна средина утврдени во законите на Република Северна Македонија, не смеат да бидат спротивни на Уставот и на законите. Статусот на стратешки инвестиционен проект може да се утврди во енергетика со инфраструктура, транспорт и телекомуникации, туризам, преработувачка индустрија, земјоделство, шумарство и водостопанство, прехранбена индустрија, здравство, индустриски и технолошки паркови, управување со отпадни води и отпад, информатичко-технолошки зони итн. – објаснуваат од Владата.

Од Центарот за граѓански комуникации  веќе предупредија дека ексклузивните преговори со само една фирма за крупни инфраструктурни проекти носи сериозни корупциски ризици.

– Не постои ниту еден валиден аргумент што би го оправдал ова грубо заобиколување на Законот за јавни набавки – посочија неодамна од Центарот за граѓански комуникации, од каде што се залагаат за доследна примена на Законот за јавни набавки.

За стратешки инвестициски проект се смета проект со кој се врши реализација на инвестиција во висина од најмалку 100 милиони евра на територија на најмалку две или повеќе општини, најмалку 50 милиони евра во општините со седиште во град, општините во градот Скопје и градот Скопје и најмалку 30 милиони евра во општини со седиште во село.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот