Чудни чуда

Методи Хаџи-Јанев / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Сега Русија ја прави истата таа приказна што ја правеше либерализмот. Иако финесите се различни, начинот на кој тоа се правело бил сосема поинаков (врз принципи и стандарди), проблемот е во тоа што и другите што сега го прават тоа, го велат истото. Дека тие имаат право и дека тоа се според нив методите што се неопходни.

Оваа колумна е некаков обид за сублимат што планираме да го направиме во почетокот на идната година во едно ексклузивно обраќање во кое би сакале да направиме процена на тоа како и каде ќе се движат работите во геополитиката. Сепак, бидејќи тогаш ќе треба да се занимаваме со суштински работи, сега малку за оние кои, според некои, не се суштински, ама се многу „жешки“ и стануваат сериозен предизвик што го поларизира светот. Таа поларизација дефинитивно го дели светот на два дела, ама овој пат не според држави или според сојузите што ги создале како политички творби, туку според политичка припадност на леви и десни, на модерни и традиционални, суперлиберални и конзервативни и конечно на власт и опозиција.

Во таа насока, производите, продуктите од триумфот на либерализмот по крајот на Студената војна најверојатно ќе станат, ако веќе не почнаа, негови гробари. Интернетот и современите технологии (познати и како информациско-комуникациски технологии и креацијата на т.н. „свет на интернет на нештата“); идејата за што поголема поврзаност и поголема слобода на движење на стоки и услуги, на луѓе и капитал, артикулирање на потребата и форсирањето во практика дури и преку цели пакети процеси и политики на трендот „странските инвестиции“; операционализација на идејата за т.н. мека моќ, преку концептот „трак-ту“ (доаѓа од Труцк тњо Дипломацѕ), и како резултат на сето тоа, давање сосема нова димензија на употребата на сила како инструмент на моќ, преку предизвик на постојните принципи и темелите на поредокот што требаше да го гарантира светскиот мир и безбедност или, попрецизно, принципот на сувереност, како и многу други алатки, процеси и политики кои создадоа хибрид. Тој хибрид сега се враќа како бумеранг и ако во одреден период даваше резултат, сега прави проблем.

Прашањето е дали сме на зародиш на еден нов поредок, што нема да биде налик на она што го знаеме од славната Француска буржоаска револуција. Ако сме, тогаш сме во еден интеррегнум (за ова веќе спомнувавме) – лимбо ситуација во која еден свет умира, а се раѓа нов. Само накратко, по крајот на Француската револуција и создавањето на Републиката во Франција, идејата за слобода, еднаквост и братството се раширија низ целиот свет помеѓу масите и политичките елити. Но, секаде, како во хемијата, во животот, па речиси во сè што има материја и енергија, една иста појава нема ист ефект или интерпретација. Да скратиме, трите слогани на револуцијата завршија во три генерални правци што се кристализираа како рамка или концепт за градење идеологија, а преку тоа и управување. Идејата за слобода заврши во либерализмот – во либералната демократија. Идејата за еднаквоста заврши во социјализам. Додека идејата за братството или нејзиниот екстрем повеќе или помалку заврши во фашизам. Проблемот со сите три е што тие пак зборуваат за трите слогани на револуцијата, ама аголот од кој го гледаат е различен. Ако ве потсетува на сегашната ситуација помеѓу либерално-демократскиот свет и за нив авторитарните системи, тогаш сте на вистинската страна. Токму тоа е судирот кој сега Путин се обидува да го претстави како заеднички отпор со Кина против западната доминација и во кој тој се израмнува со Кси, а овој пак (се мисли на Кси) де сака, де не сака или, пак, има своја логика како тоа да го прави.

Е, сега, додека за време на Втората светска војна, либерализмот се здружил нужно со социјализмот за да го победи фашизмот, по крајот на Втората светска војна овие два (победоносците) влегоа во баланс. Некои го опишуваат како „хомеостатски еквилибриум“ во кој балансот на сили е тој што ги исцрта порциите на Студената војна, но во исто време нудеше решение за мир. Оттука и интерпретацијата на нештата имаше одраз на тој баланс. По крајот на Студената војна социјализмот пропадна – барем во поголемиот дел од светот – а победоносните либерали останаа да ги интерпретираат слободата, еднаквоста и братството од аспект на либералната демократија. Оттука, како што злобниците милуваат да кажат, либералите наводно извршија „универзализација на вредностите“. Таа универзализација – и за ова говоревме – е проблемот што сега се враќа како бумеранг, бидејќи почна да подрива еден систем што според ултралибералите е отсликување конзерватизам, застареност, догматичност и нешто што ја задушува индивидуата. Токму таа растегнатост на либерализмот во ултралиберализам почнува да ги отсликува контурите на дивергенцијата на демократијата од либерализмот. Имено, факт е дека најпогрдниот опис на демократијата е дека таа е тиранија на мнозинството. Оттука, за да може да функционира, либералната демократија бара баланс помеѓу индивидуалните слободи и заедничкото добро. Токму врз основа на тој баланс е изградена и идејата за човековите права кои се универзални, општи, природни и неотуѓиви, ама се и двојно ограничени. Еднаш од правото на другиот, а другпат од правото за заедничкото добро. И тука, драги мои, се јавува процепот на судир што не е помеѓу држави, туку внатре во самите држави и почна да ги враќа како бумеранг сите работи, кои беа со добра мисла и во добар дух, како повратен „инпут“, кој системот што е стар од 1945 година не може да го препознае.

Имено, во сферата на економијата денес корпорациите толку многу зајакнаа што има голем број компании што имаат неколкупати поголем буџет од над 90 проценти од државите во светот. Тоа во практика, поради материјализмот и консумеризмот, е силна моќна алатка – капиталот. Тоа создаде суверени индивидуи, кои им пркосат и на најсилните држави. Земете ги Сорос или Елон Маск и целата фама околу нив, прегледајте ја од аспект на демократите или на републиканците во САД или од аспект на либералите (прогресивните) и традиционалните (конзервативците). Во доменот на безбедноста, доминацијата на либерализмот изврши реконцепцуализација. Покрај воените, како закани се сметаат и невоените и артикулацијата на климатските промени. Дополнително, фокусот не се става само на државата, туку и на индивидуата и на групите. Оттука, хуманитарната интервенција (како оние во Африка или во Косово) стана препознатлив начин на однесување на либералниот свет. Иако со право акцентот се стави на заштита на индивидуите и човекот, ваквиот систем на реакција создаде проблем бидејќи го наруши принципот на сувереност. За да се оправда сето тоа се креираше и доктрина „одговорност да се заштити“, како цел концепт за заштита на поединците и на човекот од репресивен режим. Е, сега, тоа што се генерираше цела една вреќа нечесни игри, манипулации, перење пари, злоупотреби, исцрпување на капитал, ресурси или пак правење хиперзаработка преку експлоатација на ресурси, во име на странски инвестиции и отворени општества, е тоа, драги мои, денес се враќа како хибрид, што го користат и други системи кои не се сметаат за либерално-демократски. Такви Кина и Русија (во Африка) или обидот на Кина да го промовира Патот на свилата, како пат кој нуди вин-вин резултат. Во исто време нарушувањето на принципот на суверенитет доби нови „глумци“. Сега Русија ја прави истата таа приказна што ја правеше либерализмот своевремено. Иако финесите се различни, според едните, начинот на кој тоа се правело бил сосема поинаков (врз принципи и стандарди), проблемот е во тоа што и другите што сега го прават тоа го велат истото. Дека тие имаат право на тоа и дека тоа се според нив методите кои се неопходни. Конечно, меѓусебната поврзаност создаде такви проблеми, што каскадните и верижните реакции имаат прогресивно и мултиплицирачко дејство што наликуваат на славната фраза од теоријата на хаосот, според која брановите кои пеперугата ќе ги предизвика во Кина, може да предизвикаат ураган во Рио де Женеиро. Значи, малите нешта може да предизвикаат големи ефекти на сложени системи.

Овде, драги мои, само како за илустрација, целата моќ и технологија која ја разви Си-ен-ен за влијание и за наметнување став, сега се прави преку социјалните медиуми и преку сите алатки што требаше да го гарантираат и да го забетонираат либерализмот. Наместо тоа, имаме сè поголеми индикатори дека либералните демократии имаат сериозна цензура на информациите – нужно, за да може да се одбранат од спинот што соперниците го предизвикуваат. Така, на пример, малку знаеме дека се штрајкува во Германија поради поддршката на Украина. Малку знаме за нападот врз Макрон за време на викендот. Малку знаеме за експлоатацијата во Африка или како што некои го нарекуваат неоколонијализмот. Малку знаеме за крахот на криптосветот. Малку знаеме за наводниот скандал со „Фајзер“. Сето тоа, ако остане недоречено или недокажано со поголема енергија, создава простор противниците на демократијата да ги злоупотребат овие мали нешта и врз комплексни системи да предизвикаат сериозни нарушувања. Поделеноста во САД оди дотаму што голем дел поддржувачи на конзервативизмот го поддржуваат Путин во она што го прави. Во исто време, таа поделеност јакне во речиси сите земји во светот помеѓу власт и опозиција, а за целото тоа време мирот – оној светскиот – стрепи да не отиде по ѓаволите.

(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот