Чучи со порака до албанската опозиција: Протест може да се одржи само надвор од безбедносниот периметар

Тирана, Албанија
Тирана, Албанија / Фото: EPA/ARMANDO BABANI

Протестот на албанската опозицијата, што е најавен на денот кога лидерите на ЕУ ќе пристигнат во Тирана на Самитот ЕУ-Западен Балкан, може да се одржи само надвор од безбедносниот периметар, изјави министерот за внатрешни работи Бледи Чучи.

Тој заедно со генералниот директор на државната полиција Мухамет Румбулаку на прес-конференција зборуваа за безбедносните мерки за непречено одвивање на Самитот, што ќе се одржи во Тирана на 6 декември.

– Ви гарантирам дека се ќе оди добро. Ние сме целосно подготвени како една европска земја. Никогаш не сме биле против протести, секогаш сме го гарантирале уставното право на протест. Овој пат едноставно има црвена зона каде што ќе се одржи Самитот и не може да се протестира. Надвор од овој простор ќе ги преземеме сите мерки за да се одржи и протестот, рече министерот Чучи.

Според Румбулаку, државната полиција апсолутно не го попречува најавениот протест, туку гарантира негово одржување надвор од безбедносниот периметар, бидејќи „безбедносниот периметар е неприкосновен и достапен само за учесниците на Самитот и за акредитираните новинари”.

– Државната полиција немала и нема тенденција да запре или да растера каков било протест, но во овој случај безбедноста на 32-те државни делегации со нивните лидери од ЕУ и од Западен Балкан, делегацијата на претседателот на Советот, на претседателката на Комисијата и на сите ВИП личности од категоријата високи државни органи ни наложува да ја ставиме националната и меѓународната безбедност над географската желба да се протестира, рече Румбулаку.

Веруваме, порача тој, дека ќе „надвладее разумот над сечии емоции и подготвени сме за секоја ситуација кога ќе се случи спротивното”.

Преку мапата која ја објави го конкретизираше „безбедносниот периметар”, блокирани патишта и алтернативни патишта по кои граѓаните ќе можат слободно да се движат.

Полицијата вчера потврди дека протестот не може да се одржи на булеварот „Народни херои” пред Владата, туку на плоштадот „Скендербег”. Претходно и локалните власти на Тирана опозицијата ја информираа дека протест може да одржи на плоштадот „Скендербег” што таа веднаш го отфрли.

По вчерашното известување и денешната изјава на првите луѓе на албанската полиција, засега нема реакција од страна на опозицијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот