Човековите права на крив колосек, претставките двојно зголемени

Фото: Омбудсман.мк

Граѓаните во 2018 година најголема недоверба искажале во судовите, а тоа го потврдува и двојно зголемениот број претставки во врска со правосудството, открива народниот правобранител Иџет Мемети. Неговиот годишен извештај, објавен во март годинава, конечно е ставен на дневен ред на Собранието.

Омбудсманот вели дека судството во континуитет создава проблеми за остварување на правата на граѓаните во земјава. Долгото траење на постапките е основниот проблем за кој се бара заштита, но голем е и бројот на претставки во кои граѓаните изразуваат незадоволство од судските одлуки за кои сметаат дека се донесени пристрасно, селективно, под притисок и политичка мотивираност. Од канцеларијата на Народниот правобранител посочуваат и дека не постои позитивна промена ниту во поглед на ефикасноста на Основното јавно обвинителство (ОЈО), особено поради тоа што биле евидентирани случаи кога кривична пријава била отфрлена поради настапување на апсолутна застареност за кривичното гонење. Оттаму објаснуваат дека заклучокот од таквата состојба е резултат на пасивноста и неефикасното дејствување во предистражната и истражната постапка.

Судски постапки што траат со децении

Според Мемети, не смее да се занемари и проблемот со ниските средства што им се исплаќаат на лицата во социјален ризик, а го спомнува и проблемот со стечајот и со денационализацијата, бидејќи, според податоците, институцијата примила повеќе од 300 претставки само за стечајот на компанијата „Охис“ од поранешните вработени во оваа фирма.

– Граѓаните што се наоѓаат во незавидна положба се приморани да бараат помош од државата, а средствата не само што се недоволни за егзистенција, туку реално не придонесуваат за надминување на ризикот на кој се изложени цели семејства. На големи маки се ставени и вработените во компаниите во стечај, бидејќи тие луѓе со тешкотии ги остваруваат правата во поглед на наплатата на заостанатите плати и придонеси, како и правото на пензија – вели Мемети.

Како уште еден голем проблем тој го истакнува и партискиот реваншизам што се случува по секои избори, а кој е изразен во сферата на образованието и установите за детска заштита, како и при изборот на кандидати за вработување.

– Ваквата состојба влијаеше граѓаните да се чувствуваат дискриминирани, што е видливо и од зголемениот број претставки во областа на дискриминацијата, особено по политичка основа. Секако, треба да се спомне и дека извештајната година ја одбележа и зголемувањето на бројот на претставките во областа на имотно-правни односи, што на површина ги изнесе проблемите со кои граѓаните се соочуваат во однос на денационализацијата. Донесените одлуки и по неколкупати се поништуваат од управните судови, а граѓаните водат постапки со децении – тврди Мемети.

Нема подобрување на условите во затворите

Кога станува збор за правата на детето, наведува народниот правобранител, неспорна е констатацијата дека проблемите во оваа област и натаму остануваат исти.

– Центрите за социјална работа не успеваа целосно и ефикасно да го обезбедат остварувањето на ова право на детето, ниту да влијаат врз однесувањето на родителите, а со тоа и да ги превенираат штетните последици по детето и неговиот правилен раст и развој. Проблеми имаше и во областите на пензиско и инвалидско осигурување, здравствената заштита, урбанизмот и градбата, здравствената заштита во затворите, како и материјалните услови во кои се издржува мерката притвор, но и затворската казна. Спроведениот референдум за името уште еднаш покажа дека нема поместување ниту кога станува збор за проблемот со ажурирањето на Избирачкиот список – вели Мемети.

Од Канцеларијата на народниот правобранител додаваат дека освен на работата на судската власт и партиските вработувања, граѓаните се жалеле и на несоодветните услови во затворите, кои со години биле лоши. Како што велат оттаму, нема подобрување ниту во здравствената заштита, ниту во исхраната, ниту, пак, на хигиенските услови во затворите.

Единствената светла точка во целиот извештај е тоа што споредбено со 2017 година, во минатата година се забележува намалување на констатираните повреди за 7,6 отсто, но од друга страна, анализата на податоците во однос на прифатените препораки на народниот правобранител покажуваат намалување за 13,4 отсто во споредба со 2017 година.

Наставник по информатика предавал физика

Откако родителите на учениците во ОУ „Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје се пожалиле дека во ова училиште часовите по физика ги одржува наставник по информатика, Народниот правобранител констатирал повреда на правото на квалитетно и непречено образование на децата, наведено е во годишниот извештај.

„Веднаш по нашето укажување за обезбедување кадар што ќе ги исполнува стручните квалификации, училиштето распиша оглас и избра кандидат за соодветно реализирање на активностите предвидени со наставниот план и програма“, наведено е во извештајот.

Наместо во дом, малолетниците во затвор

По истек на речиси пет години од почетокот на изградбата на нов воспитно-поправен дом во населба Волковија, Тетово, кој требаше да биде завршен во 2016 година, објектот сè уште не е завршен и не е пуштен во употреба, а децата и натаму се сместени во КПУ-Охрид, стои во годишниот извештај на Народниот правобранител.

„Следејќи ја со години ваквата состојба, бараме од надлежните институции да преземат мерки овој објект конечно да биде завршен и децата да бидат преместени во нов објект, во кој ќе бидат обезбедени сите стандарди за издржување воспитна мерка од страна на децата во ризик“, наведено е во извештајот.

Во градинките нема место за деца со попреченост

Приоритетни потреби што ги имаат градинките се вработување дефектолози, обуки за воспитувачите за работа со деца со попреченост, подобрување на физичката пристапност до објектите, обезбедување педагошко-дидактички помагала, нагледни средства и технологија, наведено е во годишниот извештај на Народниот правобранител. Таму е посочено дека градинките треба да обезбедат повеќе наменски пари за задоволување на индивидуалните потреби на децата со попреченост заради олеснување на нивниот престој во овие установи.

Децениска денационализација

Враќањето на одземениот имот, процес што одамна требаше да заврши, се претвори во сизифовски маки за граѓаните, бидејќи комисиите за денационализација во континуитет не обезбедуваат еднаква, непристрасна и објективна примена на законите и на другите прописи во одлучувањето, поради што донесените одлуки неколкупати се поништуваат од управните судови и процесот се враќа на почеток, наведено е во годишниот извештај на Народниот правобранител.

„Наместо да водат сметка за правата што им припаѓаат според законот, комисиите постапуваат сосема спротивно. Ваквиот начин на постапување придонесува правото на враќање на одземениот имот да не може да го остварат лицата што поднеле барања за денационализација, а доколку ваквата практика на комисиите продолжи, ова право нема да може да го остварат ниту нивните наследници“, стои во извештајот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот