ЧОВЕКОТ ПОРАДИ КОЈ ПОЧНА ХАОСОТ ВО ХОНГКОНГ: Призна дека ја убил девојка му, а беше во затвор за перење пари

Фото: Принтскрин Јутјуб/CGTN

Чанг Тонг Каи денес го напушти затворот Клиервотер Беј Рид во Хонгконг како слободен човек. Овој 20-годишник тука помина 29 месеци – поради перење пари. Меѓутоа, тој призна многу потешко криминално дело, убиство, но поради фактот што убиството го изврши во Тајван, тој за тоа дело нема да одговара, пишува српска „Политика“.

Причина за тоа се специјалните односи на Хонгконг и Тајван. Имено, Хонгконг официјално ѝ припаѓа на Кина, но на полето на правосудството ужива посебни права. Така, на пример, исклучена е можноста на испорачување на криминалци во Народна Република Кина или во Тајван. Тајван се гледа себеси како независна држава, и иако фактички е независна, изолирана е на светската дипломатска сцена. Во случај кога Тајван би успеале да се договорат со Хонгконг за испорачување на Чан Тонг Каи, тоа би бил дипломатски успех на владата во Тајпеј. Тоа пак потоа би значело дека станува збор за официјален договор на две суверени држави – Кина и Тајван.

Во февруари минатата година Чан со својата девојка Пун Хуи Винг, исто така од Хонгконг, бил на одмор во Тајван. Кога дознал дека Пун е пет месеци бремена од својот поранешен дечко – поради љубомора ја задушил. Нејзиното тело го сокрил во куфер и го оставил во еден парк. Чан потоа се вратил во Хонгконг и никому не кажувал што се случило. Убецот на девојката го издале финансиските трансакции кои ги вршел со нејзината картичка, откако родителите на девојката пријавиле дека таа е исчезната. За време на сослушувањето, Чен го признал убиството и кажал каде го сокрил телото.

Тајван поднеле барање за екстрадиција – вкупно трипати – знаејќи дека Хонгконг нема да го изврши барањето бидејќи тамошниот закон забранува испорачување на жители на Хонгконг на кинески територии надвор од него. Досега оваа поранешна британска колонија, која во 1997 е вратена на Кина, има договор за екстрадиција со 20 земји, а за некои земји има исклучоци. Но, испорачувањето на затвореници во централна Кина, Макао и Тајван сѐ уште се табу-тема.

На крајот Чен добил затворска казна поради „перење на пари“ и злоупотреба на туѓа кредитна картичка. За убиството не му е судено бидејќи тоа не се случило на територијата на Хонгконг.

Шефицата на Хонгконг, Кери Лам, поради овој случај се обиде да го промени законот за екстрадиција. Отпорот против тој предлог се претвори во масовни протести бидејќи демонстрантите во земјата стравуваа дека со тоа граѓаните на овој полуавтономен регион ќе бидат изложени на неограничено политичко самоволие на кинеското правосудство. Во меѓувреме, законот е повлечен, но протестите продолжуваат.

Ослободувањето на Чан на целиот случај дава нова политичка димензија. Тој минатата недела на Кери Лам и соопштил дека е подготвен да се појави пред тајванскиот суд.

– Подготвен сум да отпатувам во Тајван и таму да служам казна за она што го направив – стои во писмото.

Како дошло до промена на неговиот став не е сосема јасно, но постојат сомненија дека за тоа му „помогнале“ некои службеници од кинеската влада. Меѓутоа, сигурно е дека ако го прогласат за виновен, Чан во Тајван би можел да биде осуден на смрт. Во оваа земја смртната каза сѐ уште постои, а минатата година е извршено едно погубување. Во моментов во Тајван, во 43 лица чекаат на спроведување на смртна казна.

Прашање е дали грижата на совест на Чан навистина толку голема да прифати смрт. Малку е веројатно дека до тоа ќе се случи, бидејќи Хонгконг не одбива само да го испорача Чан, туку не прифаќа ниту да соработува со тајванската полиција. Од Тајван бараат да им се достават доказите и Чан да биде приведен за да не сокрие некои докази, пишуваат медиумите.

Хонгконг на тоа не ни помислува, а секретарот за правосудство на Хонгконг не гледа причина против Чан да се преземаат понатамошни чекори.

– Тој е слободен човек – сметаат надлежните во Хонгконг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот