Човекот кој Америка ја ставил на четири тркала, неговиот автомобил чинел помалку од една просечна плата!

профимедиа

Славниот модел Т оставил незаборавна трага во производство на автомобили и го отворил прашањето каква ли би била оваа индстрија да не беше иновативниот пристап на Хенри Форд.

На 1 октомври, 1908 година. Американецот Хенри Форд го претстави првиот автомобил, моделот Т попознат како „Тин Лизи” кој беше подготвен за масовно производство и дистрибуција. Благодарение на тоа што моделот Т беше и прв автомобил кој можеше да си го дозволи американската средна класа, често за него се вели дека „Америка ја ставил на четири тркала“. За тоа придонесе и техничката иновација која ја воведе Хенри Форд – производство на подвижна лента наместо рачна изработка, што доста го скратувало времето неопходно за производство.

„Не постои личност која не може да направи повеќе од она што мисли дека може“, profimedia

Вториот концепт на Форд бил исплатата на работниците пропорционално со цената на автомобилот, а тоа отвори нов пазар и создаде нови платежно способни купувачи на автомобили.

Фордовиот модел Т се смета за највлијателен во автомобилизмот на 20. век, а самиот Форд за него рекол:

– Ќе направам автомобил за бројни купувачи. Ќе биде доволно голем за семејство, но и доволно мал за поединец за да го употребува и да се грижи за него. Ќе го направам од најдобар материјал, ќе ангажирам најдобри работници, ќе се работи по наједноставниот дизајн кое денешното машинство може да го смисли. Но ќе се продава по доволно ниска цена за ниту еден човек со плата да не биде спречен да го има, и заедно со семејството да ужива во божествените пространства“.

Хенри Форд со синот наследник, фото профимедиа

Во првата година на производство биле продадени околу 10.000 автомобили. Сите модели биле произведени во старата Пикет фабрика, но во 1910 била отворена нова под името Хајленд парк, дизајнирана од прочуениот архитект Алберт Кан.

Славниот Џон Д. Рокфелер за оваа фабрика зборувал дека е индустриско чудо. И навистина била. Покрај првата американска подвижна лента за производство,  фабриката имала и четири ката. На највисокиот кат се произведувала каросеријата на автомобилот, па потоа автомобилот се симнувал на третиот кат каде се боел и добивал гуми. На вторио кат автомобилот ги добивал останатите делови, а на првиот – се вградувал моторот и се  правел финалниот преглед.

Благодарение на ова темпо во фабриката, во 1910 година се продадени 19.000 автомобили, а две години подоцна дури над 78.000 автомобили. Цената тогаш ја намалиле на 525 долари, па така за прв пат во историјата автомобил чинел помалку од една просечна плата!

„Квалитет значи да направите нешто добро кога никој не ве гледа“, фото Профимедиа
профимедиа

Иако правел мал профит по автомобил, Форд во 1913 година достигнал продажба од 248.000 примероци и компанијата остварила импресивна заработка од 25 милиони долари. До 1914 година, 13.000 работници во Форд успевале да прозиведат 260.000 автомобили годишно, додека во останатиот дел на авто-индустријата 66.000 работници успевале да призведат само 26.000 возила.

Форд продолжил да ја шокира Америка со новата вест дека своите работници ги плаќа по пет долари дневно, што било двојно од заработувачката на работниците во другите компании. Форд со тој чекор од своите работници направи и идни купувачи на неговите автомобили.

Форд моделот Т бил достапен само во црна боја. Оваа боја била најевтина, а и најбргу се сушела. На шега велел „Моделот Т можете да го добиете во било која боја под услов таа да е црна“. Популарноста на  овој модел растела, а 2 -милионитиот модел Т  бил произведен веќе во 1917 година.

Две години подоцна воведена е уште една иновација, автомобилот да се „пали“ со клуч.  Кога во 1921 година, 5-милионитиот примерок ја напуштил фабриката, Форд држел 60 отсто од светскиот пазар. Иако на почеток одбивал да инвестира во нови производи, па со текот на годините другите компании му ја преземале клиентелата, Хенри Форд морал да донесе одлука и да престане да го произведува овој модел.

После над 15 милиони примероци, на 26 мај 1927., Форд присуствувал на производството на последниот примерок од моделот Т. Компанијата продолжила да работи на нови модели, а од Големата депресија излегла како втор произведувач на светот.

Самиот Форд останал во компанијата до својата смрт во 1947 година, а компанијата ја презел неговиот внук. Сепак славниот модел Т оставил незаборавна трага во производство на автомобили и го отворил прашањето каква ли би била оваа индстрија да не беше иновативниот пристап на Хенри Форд.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот