Член на судски совет барал од Советот да поведе постапка против судии, во предмет каде сестра му била адвокатка

Член на Судскиот совет пред Судскиот совет иницирал поведување постапка за утврдување одговорност на судии од Врховен суд, во предмет каде адвокатка  – била негова сестра, беше кажано денеска на седницата на Антикорупциска комисија.

За него Антикорупциска ќе поведе иницијатива до Судскиот совет и Здружението на судии за поведување на дисциплинска постапка, а ќе добие и прекршочен налог.

Членот на Судскиот совет поднел барање за постапување во предмет во кој предмет има блиско лице, изјави членот на Антикорупциска, Цвета Ристовска додавајќи дека законските обврски на сите службени лица, меѓу кои се и судиите и членовите на Судски совет,  ги обврзуваат во вршењето на функција, јавно овластување или службена должност да постапуваат совесно, стручно и одговорно, да ги почитуваат етичките норми, како и дека е должно да внимава на евентуален судир на интереси и е должно да го пријави постоењето на приватен интерес и да се изземе пред расправа и одлучување.

– Со оглед дека блиско лице, сестра на член на Судски совет била полномошник од редот на адвокатите на странката која ја изгубила постапката пред Врховниот суд, не само што членот на Судскиот совет не смеел да постапува, туку до толку повеќе ниту да се јави во улога на иницијатор за поведување на постапка за утврдување на одговорност на судии во Врховен суд кои постапувале во тој предмет, каде учествувало негово блиско лице, кое имало или може да има приватен интерес, нагласи Ристовска.

ДКСК, исто така, констатира дека гледано пошироко потенцијалните последици од игнорирање на судир на интерес на членовите на Судски совет, кои всушност вршат надзор и контрола на работењето на секој судија во државата создаваат можност од влијание и вршење притисок врз судиите кои постапуваат во постапките, каде што членовите на Судскиот совет имаат блиски лица, со што на директен начин се влијае на самостојноста и независноста на судската власт, која самостојност и независност треба да ја гарантира Судскиот совет.

Судскиот совет и Здружението на судии се должни по поднесената иницијатива за покренување дисциплинска постапка на член на Судски совет да донесе одлука најдоцна во рок од 60 дена од денот на доставување на иницијативата, како и обврска во рок од 60 дена да ја извести ДКСК за своето постапување

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот