Читајќи го Балканот – разговор со четворица писатели

Во рамки на проектот „Читајќи го Балканот” денеска во Скопје, во организација на издавачката куќа „Готен” ќе се одржи разговор со писателите Жарко Кујунџиски, Петар Андоновски, Живко Грозданоски и Илија Ѓуровиќ.

Ѓуровиќ е писател од Црна Гора, кој во текот на јуни е гостин на резиденцијалната програма на издавачката куќа „Готен” која е дел од овој проект.

Како што соопштуваат од издавачката куќа, проектот „Читајќи го Балканот”, опфаќа резиденцијални престои на автори од Балканот во шест балкански градови (Скопје, Тирана, Белград, Сараево, Сплит и Ново место) и е конкретен повод за разговорот.

Тројцата македонски автори кои ќе учествуваат во разговорот се исто така дел од проектот и досега веќе оствариле резиденцијални посети. Од нашата земја во проектот „Читајќи го Балканот” преку резиденцијален престој учество остварија и Лидија Димковска, Даим Мифтари, Игор Анѓелков, Давор Стојановски и Иван Шопов.

Илија Ѓуровиќ (Подгорица, 1990) е автор на кратки раскази, поезија, драми и филмски сценарија. Неговите раскази се објавени во списанија во Црна Гора и во регионот, а застапен е и во неколку антологии. Моментално живее и работи во Берлин, а првиот негов роман треба да излезе во 2020 година.

Разговорот со четворицата писатели ќе се одржи во книжарницата „Антолог”, а ќе го води Владимир Јанковски.

Проектот „Читајќи го Балканот” е партнерски проект на издавачката куќа „Готен” од Скопје, „Гога” од Ново Место и организацијата „Крокодил” од Белград. Проектот се реализира со поддршка на програмата „Креативна Европа” на Европската Унија и на европската мрежа за превод и книги „Традуки”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот