„Чистка“ на судиите не е по европски вкус

Фото: Профимедиа

Европската Унија во моментот не гледа потреба од ветинг во правосудството во Северна Македонија затоа што состојбата и не е толку лоша, изјави вчера амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар. Оваа изненадувачка изјава е спротивна од оценката на премиерот Зоран Заев, кој завчеравечер порача дека дел од судството и од Обвинителството останале последна тврдина на „заробената држава“ што мора веднаш да престане. Изјавата на евроамбасадорот е спротивна и на ставот на еврокомесарката за правда Вера Јурова, која минатиот месец во Скопје истакна дека „со ветингот се гарантира дека секторот правда е полн со професионалци за кои нема сомнежи“, што беше прв европски сигнал дека е потребно овој процес да почне, откако во претходните години не дозволуваа ветинг во Македонија поради искуството од Албанија.

– Ветингот е последната опција. За ветинг има еден предуслов, тоа е консензусот од сите политички страни, но тоа е последното решение. Во моментот не гледаме дека има потреба за такво нешто. Тоа е нашиот став, секако одлуката останува да се донесе во државата. Претпочитаме судството да ги искористи елементите за подобрување однатре. На крајот и не е во толку лоша состојба – изјави амбасадорот Жбогар.

Тој најави дека следната година планираат проект за мониторирање случаи на висока корупција, што, според него, ќе ја подобри ситуацијата во судството.

Завчеравечер премиерот Заев посочи дека наместо да се ослободат од сопствените окови, „сваровски“ судските центри на моќ ѝ застанале на патот на правдата. Тој ја повика Државната комисија за спречување на корупцијата веднаш да почне постапка за проверка на имотот на судиите и обвинителите, а УЈП, Катастарот, Централниот регистар, МВР и Финансиската полиција уште овој месец да почнат проверки на имотот на судиите, обвинителите и членовите на нивните семејства.

– Нам ни треба судство што одлучува, а не судство што застарува предмети! Го повикувам Судскиот совет да провери кој ги држи предметите по фиоки. Прочистување на судиите и обвинителите мора да има, зашто правда може да носат само праведни судии, а не кочничари – истакна Заев.

Тој ја повика Европската комисија веднаш да го почне инструментот за мониторинг на судските случаи за корупција и политички криминал.

Од Антикорупциската комисија најавуваат дека судиите и обвинителите ќе бидат дел од Годишниот план за следење на имотната состојба и судирот на интереси за 2020 година.

– Согласно со анализата на ризици, правосудството е оценето како столб со висок ризик од коруптивни и други влијанија, па оттаму носителите на функции од овој столб, судиите и јавните обвинители ќе бидат дел од годишниот план за следење на имотната состојба – вели претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

Од Комисијата објаснуваат дека испитувањето на имотната состојба е нивна нова надлежност за чие спроведување е потребно да се зајакнат постојните човечки и материјално-технички услови и да се вклучат други истражни органи.

И Судскиот совет вчера му одговори на премиерот дека во континуитет врши проверки за застарувањето на предметите со непосреден увид во судовите и дека во октомври и ноември имале увид во Основниот кривичен суд Скопје, кој ќе продолжи утре.

Министерката за правда Рената Дескоска викендов за време на акцијата за чистење на претседателот на Судскиот совет Киро Здравев му ја предаде метлата, што беше оставена пред Министерството за време на претседателската кампања. Минатата недела Дескоска рече и дека не треба да се избрзува со ветингот за чиј почеток е потребно двотретинско мнозинство и дека дебатата за ова прашање не може да се заврши пред изборите.

Сè уште не е јасно дали и кога ќе се спроведе ветинг во правосудството, јасно е само дека сите го посакуваат. Додека премиерот Заев застапува теза дека поради ветингот судството може да остане без судии, каде што и сега недостасуваат околу 200 судии, познавачите тврдат дека имаме доволно кадар.

– И сега бројот на судии е над поставениот европски просек што би претставувало предност при еден ваков сложен процес. Не треба да нè плаши дека резултатот би била негативна оценка за сите судии и обвинители. Тоа не е ни можно. Станува збор за процент од носители на овие две функции, кој не е доминантен во однос на вкупниот број и кој доколку има потреба да биде заменет, не би имало проблем во обезбедување соодветен и професионален кадар. Сепак, впечатокот за неквалитетот и непрофесионалноста на судиите е базиран на група индивидуи, тој не претставува генерална оценка за сите судии – вели Натали Петровска од коалицијата „Сите за правично судење“ за порталот МКД.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот