Чисти извори на енергија: Индустриите може да се хранат само со ветер и сонце

Соларни панели/Фото: EPA-EFE/ALEX PLAVEVSKI

Со внимателно комбинирање на централите со ветерници и плантажите со сончеви панели може да се задоволат енергетските потреби на цела земја, ако во меѓувреме се изградат и се распоредат доволен број капацитети за складирање на генерираната енергија

Во мачниот период на транзиција на енергетските системи од фосилни горива на обновливи и чисти извори на енергија, охрабрува заклучокот од нова студија дека струјата генерирана само од ветер и сонце може речиси целосно да ги задоволи потребите на индустријата и домаќинствата, но само во индустриски најразвиените земји.

Студијата спроведена од меѓународен тим истражувачи потврдува дека со внимателно комбинирање на централите со ветерници и плантажите со сончеви панели може да се задоволат енергетските потреби на цела земја, ако во меѓувреме се изградат и се распоредат доволен број капацитети за складирање на генерираната енергија.

Со анализа на користењето енергија во 42 индустриски развиени земји во период од 1980 до 2018 година, истражувачите создале модел што покажува како зголемувањето на производството на струја од ветерници и од фотоволтаични плочи може да ги задоволи потребите на земјите.

– Енергијата од ветерот и од сонцето може да задоволи 80 отсто од потребите во многу места, без притоа да се зголемува претерано капацитетот за складирање или да се надминува нивото на потребите, што би било критична точка. Но, во зависност од земјата, има повеќедневни периоди низ годината кога побарувачката ќе мора да биде задоволена со струја од резервите и од други обновливи извори на енергија, а да не се фосилни горива – објаснува експертот за земјини системи Стивен Дејвис од калифорнискиот универзитет Ирвајн.

Дури и без поставување ефикасни капацитети за складирање енергија, системите за генерирање енергија од чисти извори може да ги задоволи енергетските потреби во 72 до 91 отсто од годината. Моделот, притоа, покажува дека ветерниците би требало да бидат водечки генератори на струја. Ако, пак, се обезбедат системи за складирање енергија, би имало доволно струја за 83 до 94 отсто од годината, при што сончевата енергија би била примарен извор.

Освен од менувањето на доминантниот извор на енергија (дење сончевата, а ноќе ветерната), одржливоста на системите зависи и од променливата потрошувачка од индустријата и од домаќинствата. Земјите што се поголеми по површина и на помала надморска височина би можеле полесно да го издржат користењето чисти извори на енергија, бидејќи би можеле во поголем дел од годината да се потпираат на сончевата енергија. Помалите земји на поголема надморска височина би морале да зачуваат и резервен извор на енергија. За Германија, која е во оваа група, се предлага задоволување на потребите преку берза на енергија – по потреба да увезува струја генерирана од сонце во Шпанија или од ветер во Данска.

Дури и германската индустрија може да биде задвижена од сонце и ветер /Фото: EPA-EFE/FELIPE TRUEBA

– Историските податоци покажуваат дека земјите што се подалеку од екваторот се погодени од долги темни стагнации, со ограничен пристап до сончеви часови и ветер. Неодамна во Германија ваква темна стагнација траеше две недели, принудувајќи ги Германците да се префрлат на други извори, вклучувајќи и на централи со фосилни горива – објаснува Дан Тонг од кинескиот универзитет Цингхуа.

Во САД, на пример, користењето само енергија генерирана од ветер и сонце може да задоволи 85 отсто од вкупната потрошувачка. Тој процент може уште повеќе да се зголеми ако се инсталираат можни батерии и ако се поврзат енергетските мрежи со соседните земји, покажува студијата.

Експертите укажуваат дека нема универзално оптимално решение за енергетскиот проблем и дека секоја земја треба да развива сопствена стратегија, врз основа на географската позиција и пристапот до изворите. Би било особено полезно ако уште повеќе се зајакне ефикасноста на системите за пренос на енергија.

Моделот од студијата може само да ги охрабри земјите што на глобалните самити на климата настојуваат да предложат амбициозни планови за што е можно постигнување на нивото на нулта емисија на штетни гасови во атмосферата.

– Поентата е дека тоа не само што може да се постигне, туку веќе се прави во многу места. Низ светот веќе има поволни региони во кои и сега може да се постигне нулта емисија на јаглеродни гасови. Тешко е целосно да се исфрлат фосилните горива од комбинацијата на енергетски извори, но можеме да ја постигнеме таа цел кога ќе се прилагодат и ќе се координираат технологијата, економијата и социјално-политичката волја. Тешко е, но не и невозможно – тврди Дејвис.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот