Чистата храброст

александар литовски
Александар Литовски/Фото: Слободен печат

Чистата храброст секогаш е ненадминлив добродетел и е плод на силна волја, на високо самосознание и готовност на саможртва за хуманите и праведните цели и вредности. Како таква, како возвишена добродетел, храброста ја има секој еден поединец, но не секој ја искажува. Напротив.

Во едно време кога мачењето било секојдневна работа низ затворите и концентрационите логори, кралалександрови и царборисовски, на нашите луѓе сето тоа им покажувало дека Злото не е привидение, дека тоа не е последица на некои страсти кои би можеле да се излечат, на некоја минлива заблуда што би можела да се отстрани или прости, туку дека е иманентен производ од суровите експлоататорски и денационализаторски системи на окупаторите македонски.

Злото беше чисто, без примеси и без додатоци. Македонските луѓе, пред сè македонските патриоти и партизани, од перспектива на српските, грчките, албанските и бугарските казамати ја запознале таа страшна, неумолива чистота на Злото: таа се откривала во „блискиот“ однос со воено-полициските мачители. Зашто мачењето, ѕверски сурово, било, пред сè, потфат на понижување: какви и да бидат поднесените маки, на крајот жртвата сепак решавала за мигот дали и кога тие стануваат неподносливи и кога треба да прозбори. Тогаш можело да се стигне до врвната иронија на мачењето, бидејќи оној кој бил измачуван, „ако го проголтал мамецот“ и почнел да „ги признава своите комунистички злосторства“, всушност започнувал да ја применува својата човечка и патриотска волја за да се откаже од својата човечност, па паѓал во калта и станувал предавник на самиот себе и на своите соборци. И, јасно и недвосмислено, им станувал соработник и соучесник на своите џелати.

А, во тие моменти на жестока тортура, сè водеше кон обесхрабрување на борците-слободољупци: алатките за мачење, мувлосаните ѕидови, оѕверените лица на мачителите, болката…, сè ги тераше да поверуваат дека се само осамени острови кои нема да ја преживеат наредната бура. Но сепак, ни тепани, печени, ослепувани, претепувани…, нашите мечтатели за подобро македонско и човечко утре, не говореа и не се самопонижуваа. Тие го кршеа обрачот на чистото Зло и повторно го потврдуваа човечкото, за себе, за сите околу нив, за оние кои потклекнаа, дури и за нас – Македонците од иднината. Го правеа тоа, а единствени сведоци им беа самите злотвори, го правеа тоа без помош, но најчесто со огромна надеж во успехот на борбата за подобро, поправедно и помакедонско утре. Тие, се чини, неограничено веруваа во Човекот. Во Македонецот. А, тоа е целосно спротивно од денешните состојби и убедувања, зарем не.

Џелатите и нивните господари верувале дека Македонците не се Македонци, туку Срби, Бугари, Грци…, и дека со нив треба да се управува со камшик, а оние кои се решиле да се борат за македонски правдини и право да се кажат како Луѓе и Македонци, биле сметани и третирани како животни. Затоа, покрај ќотекот, како излез им го нуделе – предавството. И на самите себе, и на своите соборци! Им нуделе излез – преку сопствена тотална деградација. Истражнозатворските делови од биографиите на Рацин, Брашнаров, Ацев, Колишевски, Страшо Пинџур, Васил Антевски-Дрен и безбројни други, знајни и малкузнајни, македонски борци за национална и социјална слобода, се историографските надгледни „средства“ за чистото Зло, на разните „ослободители“. Но, уште повеќе и за чистата Храброст.

Веројатно секој човек одделно, порано или подоцна во сопствениот живот, барем еднаш, како што вели Сартр е исправен пред дилемата „кал или херојство“. А се знае, недвојбено, нема човечка добродетел што заслужува поголема почит од Храброста. Впрочем, од најстарите времиња до денес сите нормални луѓе,  најмногу ја ценеле храброста на своите воини и просветители. Сите и секогаш на своите херои им оддавале и им укажувале нужна почит, уважување и благодарност. Храброста на војниците и борците за слобода била и треба да е најголемата гордост на Татковината. Храброста е вредност, благодарение на која вистинските луѓе го зачувуваат своето достоинство, дури и кога има најголема опасност по сопствениот живот, во најстрашните моменти на битката, низ најтешките физички истезанија, во сите животоопасни ситуации кога инстинктот за преживување животински вреска за самоодржување.

Чистата храброст секогаш е ненадминлив добродетел и е плод на силна волја, на високо самосознание и готовност на саможртва за хуманите и праведните цели и вредности. Како таква, како возвишена добродетел, храброста ја има секој еден поединец, но не секој ја искажува. Напротив. Мнозинството, поради страв или опортунизам се откажуваат од Храброста и се претвораат од луѓе во плашливи глувци, подготвени, на сопствениот господар, или окупатор, беспоговорно робовски да му слугуваат. Подготвени да се осојузат со Злото, за да ја избегнат болката, или да се стекнат со материјално-финансиска добивка. Тие, наспроти херојството во зачувување на сопственото достоинство, одбираат да се прпелкаат во кал и помија како да се некакви свињи. Како што деновиве, впрочем, се прпелкаат во калта на националното предавство, некои „наши“, бивши и сегашни, политички изроди и класични национални одроденици.

Затоа, на самиот крај, може да се констатира дека низ протокот на времето вистинската храброст постоела само кај ретки луѓе. И само тие луѓе може да се наречат Луѓе со голема буква и да ја заслужат почитта од сонародниците и човештвото. Тоа што кај нас идеолошките наследници на фашизмот и на антимакедонизмот се обидуваат преку историографскиот антикомунистички ревизионизам, кој е само „научно“ спакувана лажна слика на блиското минато, да нè убедат дека македоноубијците се „македонски херои“, а корифеите на македонската национална држава некакви „безвредни историски ликови“, ќе биде невозможна мисија. Како што ќе биде невозможна мисија и обидот за антимакедонскиот идентитетски инженеринг преку „договор за добрососедство“. Секако, сета таа невозможност е во „игра“ само ако опстане Македонија со македонски национален супстрат.

Видео на денот