Чиста лидерска романтика

Џабир Дерала / Фото: СП. архива

Секогаш бев и сега сум против „лидерските средби“, уште од времето на онаа „романтична“ серија сеанси што подоцна ги нарекоа Пржински процес. Во тоа време, се преговараше со криминалци за тоа како ќе се спасува нивната кожичка. И сѐ уште се прави тоа. Сега се подготвуваат „лидерски средби“ за најважните прашања во земјава – од прашања за правдата и правосудството, до Изборниот законик и барањето на вемеро за предвремени парламентарни избори. Кога сме веќе кај предвремените избори, да прашам.

Политичарите и медиумските папагали, направија од „лидерските средби“ политички настани од највисок ранг, небаре историјата ја испишуваат секојпат кога ќе се сретнат, континенти поместуваат… Клупските состаноци на шефовите на најголемите политички кланови во земјата ги нарекуваат „лидерска средба“, „лидерски самит“. Јеботе! Пардон мај Френч… Целата земја е во исчекување како во реалити шоу, дали ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да се фемка или на крајот ќе му даде на Премиерот, барем до пола. Простете, речникот во овие пар реченици е евтин и вулгарен, но ни оддалеку толку вулгарен како што е оваа антидемократска постапка.

Неразбирливо е како тие клупски средби се различни од координациите на парламентарните групи кои може да се организираат на највисоко партиско ниво. Уште понеразбирливо и крајно неприфатливо е тие да бидат зад затворени врати, со претставници само на најголемите и најбогатите, додека толпа новинарки и новинари чекаат поглавиците да излезат од вигвамот и да ги соопштат своите „мудри одлуки“. Тие нивни одлуки не се ништо освен климави бизнис спогодби. Ништо друго. Го сфативме и одвај го преживеавме тоа низ годините.

Неразбирливо и неприфатливо е тоа што овие состаноци меѓу најголемите партии не се организираат за да се подобрат состојбите во земјата, туку за да се задоволат апетитите на партиските врхушки, барем на некои, ако не и на сите. Уште од Пржино наваму, всушност, најважна тема на преговори е спасот на Груевски и Фамилијата. Сѐ друго што се договара е ситна боранија. А сѐ заедно е грубо кршење на законите и Уставот и заобиколување на парламентот, во широк лак! Едноставно, тоа се настани што се вон законите и Уставот. Нивното организирање е вон стандардите на демократското живеење на една нормална земја, нетранспарентни се и крајно дискриминаторски. Точка!

Можеби е доблесно да има средби на партиските лидери, како дел од широк политички дијалог со кој се јакне демократијата и се збогатува политичката култура во општеството, нешто што немавме во добата на страховлада кога во земјата владееше гробна тишина и молк. Но, кој го одредува правилото тоа да бидат само четворица лидери од најголемите партии, по двајца од најголемите етнички табори? Заев имаше еден обид да ги покани сите политички партии застапени во парламентот на тема Преспански процес, но тој пропадна, бидејќи Мицкоски не го прифати тој формат, понижувајќи ги на тој начин и партиите и македонските граѓан(к)и. Истото се случи повеќе пати и за време на Пржинскиот процес. Тоа е вообичаен начин на однесување за оваа категорија узурпатори. Груевски одби било какво проширување на составот на преговарачката маса во резиденцијата на тогашниот ЕУ амбасадор Аиво Орав во Пржино.

Сега, за најновиот повик на Заев за „лидерска средба“: Тој ги повика лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Алијансата за Албанците (Мендух Тачи отпадна од клубот на големите). Ќе разговараат на суштински теми, ќе решаваат суштински проблеми за опстанокот на демократијата, па и на државата. Бесрамно, арогантно и инфантилно (во најпогрдна смисла на зборот), Мицкоски уценува. Предвремени избори!

Чекајте малку? Темите се обвинителство, попис, изборен модел и закони… И предвремени избори, ако ја прифати Заев уцената од Мицкоски… Првото прашање за ваквите „лидерски средби“ на поглавиците во вигвамот што (си) го поставив е: Со која релевантност можат да разговараат за овие неверојатно комплексни теми еден економист, еден машинец, еден доктор и еден Ахмети?! Со сета почит кон професиите, искуството и мудроста што произлегуваат од економијата, машинството или медицината, како замислуваат овие луѓе да разговараат релевантно на овие теми?

Разбирам и тоа дека, како политичари, тие се повикани да донесуваат политички одлуки што ќе им дадат правец на процесите за решавање на овие прашања. Но, според кој демократски стандард можат да решаваат само четворица (од кои тројца се најголеми и најбогати) за изборниот модел? Како мислат дека можат да нѐ убедат дека ќе се водат според демократски принципи кога ќе решаваат, на пример, за Изборниот законик, што подразбира и финансирање на кампањи, медиуми, облици на функционирање на институциите…

Што е релевантно за политичарите за тие да мораат да дискутираат и одлучуваат за пописот, а што е надвор од принципите на спроведување на една државна статистичка операција? Само да ја упрскаат? Па, веќе сѐ е прилично упрскано! А што можат да дискутираат за закон за обвинителството лидери (некои од нив, знаете на кои мислам) што се директно инволвирани во криминал со епски размери?

Не гледам со која релевантност овие четворица политичари можат да разговараат за промена на изборниот модел. Па, постојниот им одговара ним и само ним. Значи, не можеме да очекуваме тие да донесат решенија што ќе помогнат во понатамошна, продлабочена демократизација на изборните процеси. Со други зборови, од досегашното искуство, големите политички партии би направиле сѐ, само да не го подобрат изборниот систем и да не го демократизираат изборниот процес. Дури и да има, барем декларативна, подготвеност за суштински измени кај еден или, во случајов, двајца од нив, не гледам ниту капацитет, ниту доследност во тоа само тие да решаваат за сите.

Со години им говориме дека една изборна единица, без изборен праг, ќе отстрани голем дел од проблемите во изборниот систем и дека ќе ѝ даде повеќе можности на демократијата да дојде до израз. Повеќе од една деценија постои сознанието дека системот ги дискриминира гласачите во различни изборни единици. Па така, повеќе гласачи во Шестата изборна единица избираат ист број пратеници во парламентот како и оние со помал број гласачи.

За крај, да не должам, освен што ќе кажам дека предвремени избори би биле самоубиство за нашата земја, ќе прашам (иронично, се разбира): Кому му се потребни предвремени избори, на Кремљ и домашните криминалци или нам, на граѓанките и граѓаните на Северна Македонија? Одговорна влада не смее да прифати предвремени избори, бидејќи тоа ќе значи одложување на интеграциските процеси во недоглед, ако не и крај за нив, засекогаш. Што ќе значи и крај за Северна Македонија.

Нека го променат изборниот модел со учество на сите партии и граѓанското општество, нека напишат нов Изборен законик со учество на граѓанското општество и експертската заедница, нека спроведат попис без политика и прописно, нека го исчистат Избирачкиот список, нека покажат дека државата навистина се погрижила да ја исполни својата обврска за почитување на правото на глас на секој гласач до последниот, нека се погрижат во земјава да завладее правото… Потоа, може да организираат избори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот