Чист Вардар, чиста душа

Едно од најголемите разочарувања во светот околу мене кога бев мал, можеби и најголемото по сознанието дека Дедо Мраз е мит, се случи за време на една прошетка со родителите покрај кејот на Вардар. Тогаш, загледан во течноста која излегуваше од едни чудни тунелчиња на кејот, го прашав татко ми дали овие покриени потоци имаат име. „Канализација“, ми одговори тој и продолжи брутално како што само тој знаеше: „Сине, тука излегуваат твоите какушки кога ќе пуштиш вода, и шампонот од кадата и скиснатиот грав“. Тогаш ми текна дека и соседите какаат и се мијат и истураат сè и сенешто и детската фантазија за скриени потоци што водат до пештери со богатство, ми се растури како цртеж во песок на плажа.

Подоцна станав свесен дека и хартијата оди заедно со секојдневните физиолошки излачувања, а во Вардар влегува и сето она што ќе се измие од улиците, зејтинот од мекиците, влошките што по некоја случајност не се заглавиле во цевка, како и автомобилското „уље“, кое традиционално маалски се менуваше во недела. Разбрав и зошто баба ми не сакаше да земе од рибите што дедо Драги, соседот, ревносно ги изловуваше на релацијата помеѓу „Камени“ и „Железнички“ мост, а на неговата сопруга веројатно ѝ беше „збоктисано“ да ги чисти. Ми стана јасно и зошто нема „градска плажа“ и бањање на Вардар, за кое имав само слушано од постарите.

Всушност, проблемот со прочистување на водата во средини со организиран канализациски систем и не е така сложена работа. Отпадните води преку систем на цевки се спроведуваат до една (или повеќе) колекторски станици, кои преку систем на организирани процеси ја вадат нечистотијата од водата која ја враќаат чиста и исправна во река. Звучи шашаво, ама навистина и не е некоја нуклеарна физика и се изведува релативно лесно. И зошто ни требаа 60 години да го направиме тој проект, кој веќе го имаат реализирано и многу помали градови од нас? И зошто пречистителни станици сега главно се градат со странска помош?

Одговорот е дека во овој момент, сакале или нејќеле, ние сме приморани да го направиме тоа. Како сериозни претенденти за членство во Европската Унија, ќе мораме како држава да се ускладиме со големиот „Грин дил“ на кој се обврзаа земјите членки. Големата „зелена“ трансформација треба да се случи до 2050 година, а најголем дел од целите се поврзани со комплетна „климатска неутралност“, што во превод значи чист воздух, вода и почва. Значи, ако сакаме да играме во големиот тим, ни треба и стадион и добра екипа. Ете, баш во тоа јас ги гледам придобивките од членството во ваква економска институција. Сакале или не, биле мрзливи или не, ни текнуело или не, ама на крајот ќе мора да го направиме тоа. Дали ќе направиме нова Дрисла и „она прљавоно од водана“ ќе го пикнеме во некоја дупка или ќе испаднеме паметни и ќе инвестираме во сериозен погон за рециклажа на отпадните води, пак зависи од нас самите. Тоа и е суштината на „зелената економија“: ајде од гомна да направиме пари.

Примерите со увоз и палење разноразни отпадоци од странство се само уште една потврда на тезата дека зелената економија може да биде исплатлива. Треба само придобивките и профитот да ги завртиме кон нас, да вртат и да создаваат за доброто на сите. Прекрасна симболика би била навистина да научиме гомната да ги претвориме во злато. Ресурси имаме колку што душа сака, отпад насекаде, нема потреба да ги бараме длабоко како нафта, а со дел од нив се прави дури и биодизел и метан.

Навистина посакувам еден убав ден и да се избањам во Вардар, да повеслам, па и да фрлам некоја јадица и се надевам дека нема да има потреба да чекам уште четириесет и кусур години. Не за мене, за рибите барем.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот