2 C
Скопје

Чипс, чварки и никсен

Имало излез од „лудницата“ и од тркалото и стресот на работата и грижите. Не е вежбање, диета и медитација, макар што и тоа помага. Холанѓаните дури и сковаа израз. Се вика – „никсен“. Многу е тешко да се дефинира што е тоа никсен, зашто ние секогаш правиме нешто.

Обично, сликата е ваква. Седнати околу маса, сите со пинта пиво во рацете, понекој(а) со чаша Џ&Т (џин и тоник) и по третата тура, некој со четвртата ќе донесе и нешто за грицкање. А тоа најчесто е ќесичка чипс (една), која ќе се отвори сосема, по сите рабови, за да не пикаат сите раце во неа, ќе се стави на средина, како чинивче да е, и сите ќе земаат по едно чипсче и ќе го грицкаат, додека пијат и дискутираат. А муабетите, најчесто се за: 1. Состојбата со омилениот фудбалски/рагби/крикет клуб, кому никако да му тргне;  2. Дали Џени од финансово ќе се смува со Џорџ од Ај Ти или работите се покомплицирани од обично смувување; 3. Разно: работа, тезги, проценти, пари. И сега, во последно време, за карантини, маски, вакцини и како што наближува крајот на годината, брегзит. Сето ова, се разбира, со прекини, поради „локдауните“, односно националните карантини кога сѐ е затворено, па и најпознатата британска институција – пабот.

Но, од идната недела, земјата пак се отвора, и ги гледам пабовите како ги гланцаат и ги светнуваат рачките на машините за точење пиво, ги бришат и пребришуваат чашите и криглите и го премеруваат растојанието од најмалку два метра, колку што мора да има меѓу две соседни маси со најмногу четири столици, и две барски столици на шанкот каде што за да се чукнат за да наздрават, другарите (и другарките) ќе треба држачи со рачки да носат. Но, ќе има една многу битна разлика. Која можеби засекогаш ќе го смени пиењето и пијачките навики на Островот. За да можат да пијат, гостите ќе мора и да јадат. И тоа не ќесичка чипс или чварки (да, да, се продаваат и мали ќесички со чварчиња, кои ги мезуцкаат главно повозрасните пивопијачи, фино оделе со „гинис“), туку вистински оброк. Кој треба да биде „сабстеншал“, ни рекоа премиерот Џонсон и неколку „ресорни министри“, па за тежина се вклучија и советниците, што значи – суштински, солиден, вистински, здрав, темелен, значителен… сѐ, само ќесичка чипс не. Ниту две, ниту три, ниту… па разбирате.

Прочитајте и...  Малограѓански воајери

Вино и храна

Во некои земји во Европа веќе подолго време нема да ви служат алкохол ако не јадете, ако винцето, на пример, не е дел од главниот оброк, како, на пример, во Франција. Еднаш, стигнати доцна во ноќта во еден пансион, кога побаравме виски пред спиење во убавиот двор зад куќата, ни донесоа и еден куп бадеми и  лешници и не заколнаа, ако им дојде инспекција, да кажеме дека сме вечерале тука. За да се оддолжиме за љубезноста, останавме следниот ден на ручек и не згрешивме. Но, во Обединетото Кралство никогаш не беше така. Тука не е познато пијалак и мезе, туку само пијалак. И пијалак, и уште пијалак и она што го викаат  „бинџинг“, пиење до опијанување, до бессознание, до „дрво правење“, што е нешто што е познато и видливо секој петок и сабота навечер во приемните одделенија за итна помош во болниците, секое лето во секое одморалиште на Медитеранот, пред, за време и по секој спортски натпревар и по секоја поголема забава, ковид или обична. И сега, овој „заштитен знак“ на многумина Англичани, северни Ирци, Велшани, а за Шкотланѓани и да не зборуваме, можно е да почне да се губи, со тенденција да биде изгубен – стегам палци и се надевам – засекогаш! Ќе мора ако сакате да пиете, и да јадете. И тоа значително, суштински, солидно, вистински, здраво и темелно.

Ќе видиме како, колку и дали ќе им се променат навиките на Британците. Ама со оглед на тоа што пабовите тука, за да преживеат, почнаа да служат храна, а некои почнаа да вработуваат квалитетни готвачи и да се преименуваат во „гастро паб“, значи гастрономски пабови, има шанса ова да заживее.

Прочитајте и...  Празен со политика, преполн со тестостерон

Правење ништо

Што правевте кога не правевте ништо? Имавте ли грижа на совест? Им завидувате ли на оние (од дното на душата, признајте) кои користеа мал, среден или поголем дел од карантинот за некаква квалитетна работа. Се усовршивте ли? Научивте ли некој нов, странски јазик? Најдовте ли нова работа? Откривте ли ново хоби – плетење, (х)еклање, везење, сликање, заварување, варосување? Јас, да бидам искрена – не. Малку, рака на срце, ги усовршив готвечките вештини, со помош на рецепти од другарки, од интернет и од „мамо, како се правеше подварок, мусака, сарми (со или без кромид, со пржено или свежо месо), шкето, компир манџа…“ и толку. Во своја одбрана имам да кажам дека тоа не траеше цело време и дека работев во меѓувреме, ама исто така имаше и еден период кога не работев – ама баш ништо. Италијанците имаат една прекрасна изрека – „dolce far niente“, за убавината кога можете толку многу да се опуштите и да уживате во правењето.

Стана модерно кога ќе ве прашаат како сте, да кажете дека глава не кревате од работа, дека работите „турбо“ и дека на работа е „лудница“. Ама тоа значи и дека сме стреснати, прегорени и на работ од нервен слом, само што тоа никој не го кажува така. Но, имало излез од „лудницата“ и од тркалото и стресот на работата и грижите. Не е вежбање, диета и медитација, макар што и тоа помага. Холанѓаните дури и сковаа израз. Се вика – „никсен“. Многу е тешко да се дефинира што е тоа никсен, зашто ние секогаш правиме нешто. Дури, велат оние што не студираат, и кога спиеме. Дорин Доџен-Маги, психолог кој проучува здодевност и автор на книгата „ Балансирање на животот и технологијата во дигиталниот свет “ го споредува „никсен“ со автомобил чијшто мотор работи, ама не оди никаде. Со брзина „во лер“. Кога немаме баш никаков план за ништо посебно, туку само да сме, ете така. Санди Ман од Универзитетот на централен Ланкашир во Британија  вели дека „никсен “ е кога не ги правиме работите што треба да ги правиме, не затоа што не сакаме, туку затоа што не сме мотивирани. Па затоа, не правиме ништо посебно. Помалку просветлените ваквите активности би ги нарекле мрзливост или бескорисност. Ама тоа не е така.

Прочитајте и...  За доброто владеење

Џабе седи…

Општо земено, нашата култура не ни дозволува да седиме така и ништо да не правиме. Во речиси сите култури постои варијанта на поговорката „џабе работи, џабе не седи“ или нешто во таа смисла, што е фино и лепо за волонтирање и за стекнување искуство, ама излегува дека не мора да е секогаш добро за нашето ментално здравје и за продуктивноста, а за финансиите и да не зборувам. Уште и кога научно ќе ви докажат дека со тоа што сме „зафатени“ сето време, ја губиме способноста да се опуштиме и вистински да се одмориме. Сонувањето со отворени очи, нус-појавата на „никсен“, нѐ прави покреативни, подобри во решавањето проблеми и подобри и побрзи во изнаоѓањето креативни идеи и нивното претворање во практика.

Па сега нешто ме копка, дали  научниците од „Модерна“, „Астра-Зенека“ и „Фајзер“ поминале еден период во „никсен“, а овие нашиве тука од Универзитетот во Оксфорд малку подолго?

Поврзани вести

За доброто владеење

Марин Гавриловски

Малограѓански воајери

Александар Литовски

Празен со политика, преполн со тестостерон

Ненад Јовановиќ

Грчкото и бугарското вето: исто, само обратно

Мирослав Грчев

Две татковини во ист кош

Жанета Скерлев

Како короната го менува светскиот поредок

Бошко Јакшиќ

Остави Коментар