Четвртото издание на „Скопски поетски фестивал“ го карактеризира вплетена креативна енергија

Групен портрет од отворањето на фестивалот / Фотографија: Валентина Миладинова

Прекрасна енергија владее меѓу домашните и странските гости-поети на четвртото издание на „Скопски поетски фестивал“, што од 29 мај до 1 јуни се одржува на неколку локации во Скопје, и тоа во Младинскиот културен центар ‒ Скопје (кино „Фросина“), во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје и во кафе-книжарницата „Буква“.

На фестивалот гостуваат поети од Норвешка, Ирска, Словенија, Грција, Хрватска и од Србија, а бројни настапи имаат и дваесетина домашни поети.

Мото на годинашното издание е „Борба. Не војна!“. Неофицијално фестивалот почна со третото издание на „Отскочна даска“, кое се одржа на 29 мај во кафе-книжарницата „Буква“ и каде што настапија петнаесет млади поети на возраст од 16 до 25 години. Победникот на вечерта, младиот поет Андреј Анѓеловиќ им се придружи на домашните и странските поети на официјалното отворање на фестивалот на 30 мај во киното „Фросина“ во МКЦ.

Во програмата на фестивалот се опфатени поетски читања, како и промоции на книги, ликовна изложба со дела од Тома Димовски, а беа прикажани и неколку поетски филмови. Гости од странство на фестивалот се Марко Погачар (Хрватска), Данило Луциќ (Србија), Вероника Динтињана (Словенија), Одвеиг Кливе (Норвешка), Танос Гогос (Грција) и Џејмс О’Лери (Ирска). На 1 јуни фестивалот завршува со јога-час и поетско читање во природа.

Годинашното издание на фестивалот го овозможи Министерството за култура, а помагатели се Младинскиот културен центар ‒ Скопје, градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје, кафе-книжарницата „Буквa“, Хрватското друштво на писатели, „ПНВ Публикации“ и Хотел „Цара 1928“. Медиумски покровител е МИА, а медиумски партнери се Радио МОФ, „Кајгана“, „Умно.мк“ и „Култура Бета“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 233, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2.6.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот