Четврти пораз на македонските одбојкарки во Европската сребрена лига

фото: Одбојкарска федерација на Македонија

И во својот четврти натпревар македонската женска одбојкарска сениорска репрезентација претрпе пораз во Европската сребрена лига. Денеска нашата репрезентација загуби на гостувањето кај Естонија со 3:0 во сетови (25:22, 25:20, 25:16).

Првиот сет нашите одбојкарки добро го започнаа со водство од 3:0, па водеа со 5:3, но ривалот почна да ја топи својата негатива. Домаќинот го контролираше резултатот, стекна водство од 17:12, а потоа и највисоки „плус седум“ (21:14).

Вториот сет донесе најголема неизвесност, иако домаќинот имаше фуриозен старт од 7:2, а подоцна и 10:4. Македонските одбојкарки направија серија од 5:0 за само „минус еден“ на семафорот.

Во следниот период имавме и минимална позитива од 12:11 и 14:13. Се играше поен за поен, со доста израмнувања, а при 18:18 Естонките направија серија од 6:1 што беше клучно за зголемување на 2:0 во сетови.

Во третиот сет се држевме резултатски до 9:8, по што следуваше нова низа на поени на противникот за 13:8. Предноста на домашните одбојкарки постепено се зголемуваше, истата стана и „двоцифрена“ (23:13) по што беа решени сите дилеми околу победникот.

Антонија Баталаковска беше најефикасна во нашите редови со 12 поени, а на спротивната страна доминираше Силвиа Пертенс со 19.

Во рамките од групата „А“ води Естонија со 12 бодови, пред Австрија која има девет, Летонија три, а последна е Македонија без бодови. Избраничките на селекторот Стефан Пауновиќ следниот меч ќе го имаат на 14 јуни на гостински терен против селекцијата на Летонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот