Четвртата национална катастрофа на Бугарија

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Стигнавме до историски најлошите односи со Бугарија. Тоа им беше целта на господарите од Москва и од Белград. Неинформираните и емотивни медиуми и јавноста од двете страни на границата се фатија на јадицата. Враќање назад нема. Или многу тешко. За жал, кон ова оро се приклучи и официјална Софија, предводена од претседателот Радев. Тие избраа сами да ја доживеат и последната, четврта национална катастрофа во Македонија!

Во официјалната бугарска историографија, во историските учебници со кои се изучува официјалната бугарска историја и им се предава на основците и на средношколците, Бугарите првата половина од дваесеттиот век историски ја архивираат во т.н. три национални катастрофи. Првата е поразот во Втората балканска војна, втората е поразот во Првата светска војна и третата е поразот во Втората светска војна.

Три големи војни, водени од една единствена цел: присоединување на етногеографската територија на Македонија во рамки на националниот и државен состав на Бугарија.
Растурањето на санстефанска Бугарија, обединувањето на кнежеството Бугарија со Источна Румелија кон крајот на 19 век во една национална држава на Бугарите на крајниот југоисток на европскиот континент создаде една доктрина, државна политика и идеал дека по Берлинскиот конгрес останаа стотици илјади етнички Бугари надвор од државните граници на Бугарија, особено во македонските земји, но и во Пиротско, Добруџа, Тракиско, како една историска неправда причинета од великите сили кои ја „унаказија“ бугарската нација.

Оттука па натаму, сите државни власти кај нашиот источен сосед, вклучувајќи ги царот Фердинанд и син му Борис Трети ги водеа војните за исправање на историските „грешки“. И сите ги загубија, нормално.

Денес постојат историчари во академските кругови што ја обвинуваат политиката на Фердинанд и самиот Фердинанд, дека доколку се помирел со воениот „плен“ од Првата балканска војна денес Бугарија ќе била поголема за речиси 50 отсто од својата денешна државна територија. И да, по завршувањето на таа балканска војна, на Лондонската конференција Бугарија во раце ги имала градовите: Кочани, Штип, Радовиш, Струмица, Кукуш, Драма, Серез, Кавала, Одрин (Едрене), Лозенград и Лулебургас (во денешна Турција), но опсесијата да се има цела Македонија, од Охрид, „бугарскиот Ерусалим“, до Скопје и јужно до Солун и Костур, Бугарија ја втурнаа во последователните војни од кои излегуваше постојано поразена и со сè помала територија. Чија е вината?!

ВМРО ги уништи и Македонија и Бугарија!

Во дебата со мој близок пријател, одличен познавач на нашата испреплетена, комплексна историја, македонски Бугарин од Благоевград (Горна Џумаја), токму на оваа тема – зошто Фердинанд не се помирил со освоените територии во Првата балканска војна, тој ми одговара: „Блажко, ти ја забораваш клучната улога на ВМРО во разврските во Македонија“. Всушност, сака да каже дека и Фердинанд да се согласел со таа територијално-државна распределба, тука била долгата рака на ВМРО која никако и со ништо немала да се помири стотици илјади македонски Бугари да останат отаде државната граница под ново српско или грчко ропство. Како тоа ВМРО ќе дозволело Охрид, Битола, Прилеп, Велес, Скопје, Лерин, Костур, па дури и Солун, како најголема триумф желба, етничко чисти егзархиски градови да останат под нова окупација, со амин на Фердинанд? Веднаш ќе реагирале и ќе му пресуделе како на Караѓорѓевиќ во Марсеј. И вистина е така.

По Илинденското востание, односно по распадот на Отоманската Империја, ВМРО предводена од Тодор Александров, Александар Протогеров и фамозниот Иван Михајлов дегенерираше во класична терористичка организација, која создаде „држава во држава“ во пределите на Пиринска Македонија и оттаму вршеше терористички акции преку Малешевските Планини против српскиот поробител во Вардарско и поретко против грчкиот на југ. Сепак, ВМРО играше огромна, веројатно клучна улога во диктирањето и во проектирањето на државните политики на официјална Софија кон т.н. македонско национално прашање таму!

Секој што се дрзнал да скршне од патот од доктрината на ВМРО, завршувал како Александар Стамболиски!
Всушност, ВМРО ги упропасти и Македонија и Бугарија. Прво Бугарија ја втурна во сите национални катастрофи за ослободување на Македонија и покрај тоа што политичката елита на Бугарија морала да биде свесна дека никогаш, па ни тогаш, великите сили после Берлинскиот конгрес нема да дозволат создавање голема славјанска држава на Балканот, под сателитски патронат на архинепријателот Русија, со што ќе се направи дисбаланс на рамнотежата на силите на Балканот. Но не, Бугарија се втурнуваше одново и одново во сите војни, под притисок на ВМРО за ослободување на поробените македонски браќа од другата страна на западната и јужна граница на Бугарија.

Исто така, ВМРО ја уништи и Македонија, бидејќи политичкото дејствување на оваа терористичка организација во очите на големите сили создаде сознание дека единствениот политички репрезент на Македонците е орудие на официјална Софија за прекршување на одредбите од Берлинскиот конгрес и за припојување на Македонија кон Бугарија. Што значи, големите сили ја гледале Македонија единствено како територија со различни етноси, пледирана од соседните земји за заграбување, а не како земја со посебен народ, со посебен национален етнос, јазик и идентитет, кој заслужува посебна национална држава на Балканот, рамо до рамо со соседните веќе создадени. И за сето тоа треба да му благодариме на ВМРО и неговата историска улога.

Ќе излезат ли од опсесивно-компулсивното растројство за Македонија?!

Кога се потпиша фамозниот Договор за добрососедство и пријателство пред речиси шест години од двоецот Заев-Борисов, бев меѓу првите кој му се израдува од сè срце, бидејќи наивно поверував дека конечно по децениски вражди ние, како историски блиски, а различни народи конечно ќе го фатиме патот на помирувањето и зближувањето. И апелирав дека треба на пиедесталот да ги издигнеме трговско-стопанската соработка, градењето модерна инфраструктура која ќе се поврзува со автопатско и железничко решение, соработка во образованието, културата, науката…Но не: од дебрите на канализациите се појавија агентурните стаорци на Белград и Москва во двете држави и се појавија на пиедесталот, создавајќи го прво ветото, мултиплицирајќи ја омразата, хистеризацијата, напрежението.

Кога агент „Иван“ со неговите психопат-подопашници во Бугарија, координирано со нашите агентурни глисти, агент „Тутунар“ и агент „Зорка“, со оние ексантичко-александарски несреќници, денес репресирани Бугари од Битола, го презедоа орото, ние стигнавме до историско најлошите односи во нашите две држави и општества во изминатите седумдесет години. Но, тоа им беше целта, тоа им беше задача од господарите од Москва и од Белград.

Простољудието, неиформираните и емотивни медиуми и јавноста од двете страни на границата се фатија на јадицата. Враќање назад нема. Или многу тешко. За жал, кон ова оро се приклучи и официјална Софија, предводена од претседателот Радев. Тие избраа сами да ја доживеат и последната, четврта национална катастрофа во Македонија!

Авторот е политиколог.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот